Меинстрим медиумите трубат воени маршеви

Луѓе не се сеќаваат кога последен пат на ББЦ виделе некој што е против давање пари за војска. Во англискиот етер доминираат политичари, воени експерти и аналитичари кои верглаат дека земјата мора да го зголеми трошењето за оружје. Неопходно е тоа - запомагаат тие - НАТО е под закана, мора се пресретне заканата од Путин...

Фото: ЕПА

Овој Владимир Путин не ќе да е оној од 2000 година, новоизбраниот руски претседател кого поранешниот британски премиер Тони Блер очајнички сакаше да го вклучи во игра (за продажба на оружје) кога Путин беше зафатен со бруталната војна во Чеченија.

Премиерот Кир Стармер сега нуди британски чизми на украинска земја како дел од „мировни сили“ кога ќе запре пукањето. Под притисок е да го забрза ветеното зголемување на трошоците за одбрана на 2,5% од БДП. Тоа ќе ја чини Британија близу 7 милијарди фунти годишно - пари што владата ги нема. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, бара 5% од БДП за одбраната.

* Види: Војната во Украина како адут за економскиот развој на Британија

„Мировниот“ план за Украина не се оспорува само поради цената во пари, ризикот од жртви и геополитичката нестабилност, туку се оценува како „невозможен“ поради нивото на кој паднала армијата. Вестите се преполни со оценки за „празната состојба“ на британските оружени сили и со фактот дека британската војска е премногу истенчена за да може да испрати трупи во Украина.

За да ги зголеми на 2,5% трошоците за одбрана, владата ќе мора да пренамени пари од буџетите за образование и социјални грижи или да ги зголеми даноците. Затоа не чудат резултатите од нова анкета, на која 55% од Британците се против кревање на даноци за да се соберат пари за одбрана.

Истражување од Declassified UK покажува дека во написите за зголемување на трошоците за одбрана ретко се спомнува загриженост или противење. Во 11 написи на ББЦ на таа тема откако беше избрана лабуристичката влада, нема ни еден единствен глас против зголемено трошење за одбрана. Во сториите доминираат ставови од владини и опозициски политичари, воени фигури, аналитички групи и од индустријата за оружје. Поранешниот премиер Џон Мејџор, цитиран еднаш, е поприсутен од кој било актуелен пратеник, синдикален лидер, академик или невладини извор што би можел да даде спротивставено мислење.

Отстранувањето на критички гласови од меинстрим журнализмот за прашањата за одбрана се поклопува со астрономското зголемување на статии од 2.700% во изминатите 15 години: од 110 во 2020 година на 3.122 денес. Секако дека зголемувањето е поврзано со руската инвазија врз Украина, но најголемиот пораст е во изминатите 12 месеци, кога медиумите го засилија трубењето.

Амплификацијата на владините и воените гласови не е ништо ново за британските медиуми, но чуди отсуството на критики за поголемо трошење за одбрана.

Медиумите денес се воздржуваат да напишат ни збор за воените вежби на кои учествуваат британски трупи, за посетите на високи офицери на Израел или за набљудувачките летови на РАФ над Газа, зашто тоа може да го загрози наративот дека армијата е осакатена, гладна за пари и едвај може да функционира. Многу им е поудобно да ги препишуваат соопштенијата од Министерството за одбрана наместо да отворат побалансирана дебата за критичните прашања.

По експлозивните повици од Трамп за окупирање територии од Гренланд до Газа, во време кога европските лидери се решени да се вооружат дури и по цена да ги поткопаат јавните сервиси, медиумските милитантни повици се уште поопасни.

27 февруари 2025 - 13:53