Војната во Украина како адут за економскиот развој на Британија

Војните по дефиниција им носат профит на производителите на оружје. Онаа во Украина поттикна ренесанса во британската воена индустрија и сега премиерот Кир Стармер во тоа гледа надеж за  задвижување на папсаната економија. Има логика: во 10-те години пред руската инвазија, Британија на Украина ѝ продала оружје во вредност од 35 милиони фунти. За трите години војна - 1,1 милијарда.

Фото: ЕПА

Ужасниот конфликт во Украина потврдува дека војните може да бидеат полезни за владите.

Објавувајќи го зголемувањето на воените трошоци на Обединетото Кралство, премиерот Кир Стармер се повика на Украина и на заканата од Русија кога кажа дека „инвестицијата ќе создаде безбедна и стабилна средина за развој на бизнисот, поддржувајќи ја главната мисија на владата да испорача економски развој“.

Зголеменото трошење ќе ја одржи нашата глобално компетитивна индустрија и ќе поддржи работни места низ цела Британија, изјави премиерот.

Шефот на дипломатијата Дејвид Лами неодамна на производители за оружје им говореше за „извонредното стогодишно партнерство помеѓу Обединетото Кралство и Украина“.

Гигантските британски производители на оружје како „БАЕ системс“, „Бабкок“ и „Талес“ ќе извлечат дополнителен профит од засиленото издвојување за одбрана.  Поголемиот дел од британската воена помош за Украина, која изнесува 4,5 милијарди фунти годинава, всушност се субвенции за овие компании за оружје.

Во десетте години пред руската инвазија во 2022 година, британски компании ѝ продале на Украина воена опрема во вредност од 35 милиони долари. Во трите години потоа, извозот скокна на 1,1 милијарда фунти.

Откако почна војната пред три години, Британија ѝ даде на Украина воена поддршка во вредност од 8 милијарди фунти, вклучувајќи илјадници проектили и дронови, повеќе од 10.000 парчиња муниција, 14 тенка, топови, борбени возила и пловила.

Згора на ова Британија ѝ даде заем на Украина од 2,26 милијарди фунти за да ѝ помогне да инвестира во клучната опрема, вклучувајќи ја и таа што ја добива од Британија.

Производителите на оружје имаат полза и од празнењето на резервите за да ѝ се подари опремата на Украина.

Националната ревизорска служба проценува дека Министерството за одбрана во првите две години од војната потрошило 2,7 милијарди фунти за надополнување на опремата што ѝ била подарена на Украина.  Во истиот период биле потрошени и 2,4 милијарди долари за да се обезбеди опрема за вкупно 715 договори со Украина.

Во очајнички обиди брзо да испрати опрема во Украина, Министерството често пати склучувало договори без конкурси, со намалени контроли, додаваат ревизорите. За нив особено се интересни договорите на „Талес“ за производство лесни повеќенаменски проектили, бидејќи компанијата е под истрага поради сомневања за поткуп и мито. 

Не само војната, туку и мирот, кога некогаш ќе дојде, ќе биде профитабилен. Украина годинава планира да потроши рекордни 35 милијарди долари за производство на оружје.

26 февруари 2025 - 15:54