Маск го смета Кир за закана за западната цивилизација, а размислувањето му оди во правец на тоа да најде алтернативни британски политички движења (вон Лабуристи и Ториевци) кои би го присилиле премиерот да поднесе оставка пред следните избори. Имајќи предвид дека последнава деценија ниту еден британски премиер не истера цел мандат, оваа агенда на Маск не е нешто неостварливо.
Иако прв пат пред шест месеци Маск почна да се интересира и меша во британската политика, тој дури пред некој ден прв пат посериозно притисна околу една тема, конкретно барање за национална истрага за случаите на сексуално искористување на девојчиња од банди главно составени од Британци со пакистанско потекло.
Маск го обвини Стармер дека како поранешен прв човек за јавни истраги за сексуална злоупотреба на деца, „учествувал“ во силувањето на Британија.
Обвинувањата од Маск, Стармер ги отфрла како „ширење лаги и дезинформација, и дека милијардерот не е заинтересиран за жртвите туку за самиот себе.
Еден од неочекуваните потези на Маск во оваа сфера е неодамнешното дистанцирање од Најџел Фараж и неговата Реформистичка партија, кој се сметаше за главен кандидат за спроведување на агендата на Маск во Британија и добивање на средства за истото.
Маск порача дека на „Реформистичката партија и треба нов лидер“ и дека „Фараж го нема она што е потребно.“ Фајненшл тајмс пишува дека Маск веќе разгледува потенцијални кандидати за замена на Фараж како лидер на Реформистите.
Судирот меѓу двајцата започна по нивната средба во Мар а Лаго во Флорида.
И покрај ова Фараж најави дека ќе патува во САД на инаугурацијата на Трамп, на која пак не се очекува да се појави британскиот премиер Стармер.