Апел за претпазливост

Колумната на Путин за Њујорк Тајмс

Неодамнешните настани околу Сирија ме натераа да му се обратам директно на американскиот народ и неговите политички лидери. Ова е важно да се стори во време на недоволна комуникација меѓу нашите две општества.

Нашите односи минаа низ различни фази. Стоевме едни наспроти други за време на студената војна. Ама едно време бевме и сојузници, и заедно ги поразивме нацистите. Универзалната меѓународна организација - Обединетите нации - тогаш беше формирана за никогаш повеќе да не се случи такво разурнување.

Основачите на Обединетите Нации сфатија дека одлуките кои се однесуваат на војната и мирот треба да се донесуваат само со консензус, и со американска согласност, ветото од постојаните членки на Советот за безбедност стана дел од Повелбата на Обединетите Нации. Длабоката мудрост на оваа одлука со децении беше основата на стабилноста на меѓународните односи.

Никој не сака Обединетите нации да завршат со иста судбина како Лигата на народите, која колабираше заради недостатокот на вистинско влијание. Ова е возможно ако влијателните држави ги заобиколат Обединетите Нации и превземат воена акција без дозвола од Советот за безбедност.

Потенцијалниот напад на Соединетите држави против Сирија, и покрај силното противење од повеќе земји и важни политички и религиозни лидери, вклучувајќи го и Папата, ќе резултира со уште повеќе невини жртви и ескалација, потенцијално ширејќи го конфликтот надвор од границите на Сирија. Напад би го зголемил насилството и би започнал нов бран тероризам. Ова би можело да ги поткопа мултилатералните напори да се реши проблемот со иранската нуклеарна програма и израелско-палестинскиот конфликт, и дополнително да го дестабилизира средниот исток и северна Африка. Ова би можело да го исфрли од баланс комплетниот систем на меѓународно право.

Сирија не се соочува со борба за демократија, туку со вооружен конфликт меѓу владата и опозицијата во оваа повеќерелигиозна држава. Има неколку борци за демократија во Сирија. Ама има повеќе од доволно борци на Ал Каеда и екстремисти од сите видови кои се борат против владата. Стејт департманот на Соединетите држави ги обележа Фронтот Ал Нусра и Исламската држава на Ирак и Левантот, кои се борат од страна на опозицијата, како терористички организации. Внатрешниот конфликт, засилен со странско оружје кое го добива опозицијата, е еден од најкрвавите во светот.

Платениците од арапските земји кои се таму, и стотиците милитанти од Западните земји па дури и Русија, се причина за наша длабока загриженост. Може ли тие да не се вратат во нашите земји со искуството стекнато во Сирија? Сепак, по борбите во Либија, екстремистите продолжија кон Мали. Ова е закана за сите нас.

Од почеток, Русија бараше мирен дијалог кој ќе им дозволи на Сиријците да развијат компромисен план за нивната иднина. Ние не ја штитиме сиријската влада, туку меѓународното право. Ние треба да го користиме Советот за безбедноста на Обединетите нации и веруваме во зачувување на законот и редот во денешниот комплексен и турбулентен свет, како еден од начините да се спречи меѓународните односи да преминат во хаос. Законот се уште е закон, и ние мора да го следиме без разлика дали го сакаме тоа или не. Според сегашниот меѓународен закон, сила е дозволена единствено за самозаштита или со одлука на Советот за безбедност. Сè останато е неприфатливо според Повелбата на Обединетите нации и би претставувало акт на агресија.

Нема сомнеж дека во Сирија бил користен отровен гас. Меѓутоа има многу простор да се верува дека тој не е употребен од сириската армија, туку од опозициските сили, за да се испровоцира интервенција од нивните моќни странски патрони, кои би биле на иста страна со фундаменталистите. Извештаите дека милитантите подготвуваат уште еден напад - овој пат против Израел - не можат да бидат игнорирани.

Алармантно е дека воена интервенција во внатрешните конфликти на странски држави стана нормална работа за САД. Дали ова долгорочно е во интерес на Америка? Се сомневам. Милиони околу светот се повеќе ја гледаат Америка не како модел за демократија, туку како некој што се потпира само на сурова сила, ковајќи коалиции под слоганот "или си со нас или си против нас."

Меѓутоа силата се покажа како неефикасна и бесмислена. Авганистан се тетерави, и никој не може да каже што ќе се случи откако меѓународните сили ќе се повлечат. Либија е поделена на племиња и кланови. Во Ирак продолжува граѓанската војна, во која секој ден десетици се убиени. Во Соединетите држави, многумина прават аналогија меѓу Ирак и Сирија, и прашуваат зошто нивната влада би ги повторила неодамнешните грешки.

Без разлика колку се прецизни нападите или колку е софистицирано оружјето, цивилните жртви се неизбежни, вклучувајќи стари луѓе и деца, кои нападите би требало да ги заштитат.

Светот реагира прашувајќи: ако не можеш да сметаш на меѓународните закони, тогаш мора да најдеш други начини за да ја осигураш својата безбедност. Заради ова се повеќе држави сакаат да се снабдат со оружје за масовно уништување. Ова е логично: ако имаш бомба, никој нема да те допре. Ние останавме на муабет за потребата за намалување на оружјето, а реалноста ова постојано се разјадува.

Мораме да престанеме да го користиме јазикот на силата и да се вратиме на патот на цивилизирани дипломатски и политички решенија.

Во последните неколку дена се појави нова можност за избегнување на воената акција. Соединетите држави, Русија и сите членови на меѓународната заедница мора да ја искористат подготвеноста на сиријската влада да го стави својот арсенал под меѓународна контрола, за фазно уништување. Судејќи по изјавите на Претседателот Обама, Соединетите Држави го гледаат ова како алтернатива на воената акција.

Го поздравувам интересот на претседателот да го продолжи дијалогот со Русија за Сирија. Мораме заедно да работиме, за да ја оддржиме оваа надеж во живот, како што се согласивме на состанокот на Групата 8 во Северна Ирска во јуни, и да ја насочиме дискусијата повторно кон преговори.

Ако можеме да избегне употреба на сила против Сирија, тоа ќе ја подобри атмосферата во меѓународните односи и ќе ја засили заедничката доверба. Ова ќе биде наш заеднички успех и ќе ја отвори вратата за соработка на останатите критични прашања.

Мојот работен и личен однос со Претседателот Обама е обележан со растечка доверба. Го почитувам тоа. Внимателно го проучував неговото обраќање до нацијата во вторникот. Јас не би се согласил со неговата изјава што ја даде за американската исклучителност, порачувајќи дека политиката на Соединетите држави е "она што ја прави Америка поинаква. Она што нè прави нас исклучителни." Екстремно е опасно да се поттикнуваат луѓето да се сметаат себеси за исклучителни, без разлика на мотивацијата. Има големи држави и мали држави, богати и сиромашни, оние со долга демократска традиција и оние кои се уште се обидуваат да го најдат својот пат кон демократијата. Нивните политики се разликуваат исто така. Ние сите сме различни, меѓутоа кога бараме благослов од Бога, не смееме да заборавиме дека тој нè создал еднакви.

Владимир В. Путин,
Претседател на Русија



12 септември 2013 - 11:36