Партнерите му ја минираат лото-регрутацијата на Мерц

За да ја направи германската армија повторно најмоќна во Европа, канцеларот Фридрих Мерц издвои стотици милијарди евра за инфраструктура, оружје и муниција, но никако не може да ги пополни касарните со регрути. Дури 63% од младите Германци не сакаат да облечат униформа. Коалициските партнери сега му го блокираат и планот на сила да го пополни стројот со лотарија.

Фото: ЕПА

„Германија се врати!“ изјави Фридрих Мерц во мај, ветувајќи пред нацијата дека ќе ја изгради најмоќната армија во Европа, способна да ѝ се спротивстави на Русија. Повторно дозволи големи задолжувања и пренасочи трошоци кон одбраната. Потоа создаде специјален фонд од 500 милијарди евра за да ја зајакне критичната инфраструктура – патиштата, мостовите и пругите што се неопходни за брзо префрлање тенкови и војници кон источниот фронт, ако избувне војна со Русија. 

Но, неговата офанзива ја запреа коалициските партнери, кои се спротивставија на столбот на одбранбената политика: регрутирањето уште стотици илјади војници. 

За да се обезбеди постојан армиски состав од 260.000 војници до 2030 година, Мерц најави присилно регрутирање млади мажи со наполнети 18 години преку случаен избор со национална лотарија. Неговите Христијански демократи (ЦДУ) објаснуваат дека регрутацијата преку лотарија е „фер и рационален“ начин за пополнување на стројот ако не се пријават доволно млади луѓе во шемата за воена служба на доброволна основа. 

Социјалдемократите, кои им се партнери на конзервативците во Владата, притискаат воената служба да остане доброволна. Раздорот е толку длабок што Борис Писториус, министерот за одбрана од СПД, ја откажа прес-конференцијата на која требаше да ги открие деталите за лотаријата.

Воената служба е незгодна тема во Германија, која чувствува огромна историска вина поради децениите на милитаризмот и со децении ги туркаше во заден план безбедносните прашања. Регрутацијата ја напушти во 2011 година, бидејќи беше длабоко непопуларна и повеќе не се сметаше за неопходна. Неодамнешна анкета покажа дека само 37% од Германците на возраст од 18 до 29 години се за регрутација.

Проблем за Мерц е што неговите социјалдемократски партнери имаат марксистички корени, силни тенденции кон пацифизам и традиционално се залагаат за добри односи со Москва. Министерот Писториус кој важи за „јастреб“ во СПД, со години попусто се обидува да го промени мајндсетот на партијата. Тој ги убедува социјалдемократите дека Германија мора да стане нација подготвена за војна и да ја гледа Русија како потенцијална закана, а не како стар пријател од заедничкото комунистичко минато.

Политикологот Карло Масала објаснува дека СПД ја блокира непопуларната лотарија заради домашни политички цели. 

Делови од СПД стравуваат дека ќе ги изгубат младите гласачи на претстојните избори ако се согласат на присилна воена служба. Младинското крило е исто така против, вели Масала.

******
Види и: Мерц ќе ја прави германската армија најсилна во Европа

Берлин со регрутации ќе ги пополнува дупките во стројот

21 октомври 2025 - 10:14