Берлин со регрутации ќе ги пополнува дупките во стројот

Канцеларот Фридрих Мерц најави дека Германија ќе ја изгради најмоќната конвенционална армија во Европа. Зголеменото задолжување може да ѝ помогне да го обнови арсеналот, но главниот проблем е да ги убеди младите Германци да ѝ служат на земјата со оружје во рака. Ако обидите „со убаво“ не привлечат доволно доброволци, строевите ќе бидат пополнети со регрутација.

Министерот за одбрана Борис Писториус најави нови програма со поатрактивни понуди за да се привлечат повеќе млади Германци да ја изберат професијата војник, но тој самиот се сомнева дека тоа ќе биде доволно за да се пополнат огромните дупки во воените редови.

На Бундесверот и сега му фалат стотици илјади војници, а приоритет на владата, како што најави канцеларот Фридрих Мерц, е Германија да изгради најмоќни конвенционални воени сили во Европа со цел да ја одврати Русија од инвазија. 

Воената служба првично ќе биде на доброволна основа, со намера да ги охрабриме младите луѓе да ѝ служат на својата земја. И ви кажувам искрено дека акцентот е на „првично“, во случај да не можеме да привлечеме доволно голем број доброволци, изјави Писториус во обраќањето пред парламентот.

Германија ја укина задолжителната воена служба во 2011 година. Иницијативите за повторно воведување се појавија по руската воена инвазија врз Украина, а особено откако претседателот Доналд Трамп во вториот мандат објави повлекување на американските воени гаранции за безбедноста на Германија и на Европа воопшто.

Писториус рече дека Бундесверот сега располага со околу 181.500 активни војници, што е десетина проценти помалку од целта до 2031 година да има 203.000.

Професијата војник не им е привлечна на младите Германци. Просечната возраст на војниците се зголеми на 34 години.

Ева Хогл од парламентарниот комитет за оружени сили во март го оцени кусокот војници како „атрофија на Бундесверот и сериозен ризик за одбранбените капацитети на Германија“.

******
Види и:
Европа го враќа задолжителното служење војска?

Ни помалку ни повеќе, препораката е Германија да регрутира 900.000 војници

15 мај 2025 - 10:44