Колку чини да се одложи Олимпијада за една година?

Уште кога решија олимпискиот факел со кола да се провози низ Јапонија наместо да го истрчаат, почна да се насетува дека Олимпијадата годинава можеби ќе биде ставена на пауза. Од вчера, на неколку месеци пред отворањето, и официјално Олимпијадата 2020 стана Олимпијада 2021.

Со ова Токио 2020 стана првата одложена Олимпијада во историјата, што само по себе носи и историски тешки задачи за организаторот, главно на тема пари.

Неофицијалните бројки се дека МОК ги има продадено телевизиските права за 5,5 милијарди евра, дел од кои веќе се платени.

Плус на ова се уште околу 800 милиони долари во влезници што организаторите веќе ги имаат продадено, притоа најверојатно без да размислуваат за опцијата за враќање на парите во случај на неодржување на игрите.

Иако според сите бизнис пракси МОК би требало да има земено осигурување во случај на откажување на Олимпијадата, не е сигурно дали тоа ќе важи во случај на нејзино одложување.

Тука се и 47 големи јапонски компании, кои како национални спонзори, учествуваа со 3 милијарди долари во јапонските олимписки проекти. Дел од помошта за нив е што владата одлучи дека игрите и понатаму ќе се викаат Токио 2020, за компаниите да можат да го користат истото лого во својот маркетинг и/или производи поврзани со Олимпијадата.

На сето ова се додаваат и неброените јапонски компании кои требаа да профитираат од годинешните игри, а преку нив и целосната јапонска економија, која се очекува да има 0,2% пониска стапка на раст како последица на одлагањето. Според професори по економија од Кансаи Универзитетот, цената на одлагањето на игрите до 2021 е околу 3,6 милијарди евра.         

25 март 2020 - 14:29