Како што го опишува Блумберг, Михаил Фридман иако роден во украински Лвив е „еден од оригиналните олигарси на Русија“, кој го прави богатството од банкарство и енергетика во времето пред Путин да дојде на власт, но не дека и после тоа му е лошо.
Самиот Фридман, кој живее во Лондон, на 24 февруари е на бизнис патување во Москва, и сè до дента приватно и јавно не верува дека Путин стварно ќе ја нападне Украина. Тој е инвеститор и во еден од најголемите телекоми во Украина, Киевстар, а по почетокот на војната веднаш одвојува милиони евра, што од телекомот, што лични, за помош на вработените и украинскиот народ.
Ниту ова, ниту неговото резиме, ниту годините работа со САД и Европа не го помилуваат Фридман од санкциите на Западот против Русија, руските компании и олигарсите.
На 28 февруари, Фридман заедно со партнерот Петр Авен, првиот човек на Алфа банка која е клучен дел од Алфа груп конзорциумот на Фридман, се најдоа на списокот на лица на кои Западот им наметнува санкции.
Заклучокот на Фридман од сето ова е дека ЕУ докажува дека нема поим како моќта функционира во Русија, а дека ако намерата им е да се мотивираат милијардерите да извршат притисок врз Путин тогаш „тоа е полошо од нереално“.
„Никогаш не сум бил на позиција во која било државна компанија или администрација. Ако луѓето кои ја водат ЕУ веруваат дека заради санкциите јас можам да му се приближам на Путин и да му кажам да ја запре војната, и дека тоа ќе ми успее, тогаш се плашам дека сите сме во многу големи проблеми.
Тоа значи дека оние што носат одлуки ништо не разбираат за тоа како Русија функционира, а тоа е опасно за иднината,“ порачал Фридман.
Фридман пред војната вреди околу 14 милијарди долари, а неговата нето вредност сега е околу 10 милијарди, при кои тој нема ниту пара во кеш. Санкциите што Британија ги воведува против него на 15 март, ја замрзнуваат и неговата последна картичка, па сега тој треба да бара дозвола од британската влада за трошење на своите пари и тоа во вредност од околу 2.500 фунти месечно.
Експерти што работат за западни институти делумно се согласуваат со Фридман и позицијата дека санкционирањето олигарси само служи за удоволување на јавноста без да има значително влијание.
„Личните санкции против олигарсите не се прецизен инструмент. Знам многу полоши олигарси во Русија од Фридман и Авен. Санкциите не се фер инструмент. Тие се оружје за масовно уништување,“ објаснува Сергеј Пархоменко од вашингтонскиот Вудроу Вилсон центар.
Поранешниот функционер на американскиот трезор, Адам Смит, објаснува дека се работи за индиректен пристап кој предвидува дека ако се изврши притисок врз олигарсите блиски на Путин, тие ќе извршат притисок врз Путин, и тоа не дава некои резултати.
„САД и порано имаат санкционирано олигарси и успехот на оваа стратегија е сомнителен и во смисла на тоа дали олигарсите престанале да го поддржуваат Путин и дали санкциите им наштетиле,“ изјавува Смит.
Фридман нема проблем да признае дека во 1990-те како дел од групата на седумте олигарси ја финансирале кампањата за реизбор на Јелцин и имале сериозно влијание врз Кремљ. Меѓутоа кога Путин доаѓа на власт во 2000-та, тој наметнува нов модел за постојните олигарси: „новиот договор е дека ако тие се држат надвор од политиката, ќе можат да продолжат да го тераат својот бизнис“.
Тие што го прекршија овој договор и се пробаа во политика, пример Ходорковски, завршија по 10 години во затвор и со конфискација на имот. Паралелно со ова, во овие 22 години, Путин вади своја, нова, генерација на олигарси кои се збогатуваат од договори со државата и управување со државни компании.
Разочарувањето на Фридман од Западот е и во тоа што повеќе 20 години тој и Авен редовно патуваат во Вашингтон и другите западни центри во обид со тамошните тинк-танкови да култивираат „конструктивна врска меѓу Американците и Русите околу бизнисот“. Како дел од ова тој финансира и помага голем број западни програми за размена на луѓе меѓу Русија и Западот, како Западот подобро би се запознал со Русија.
„Искрено верував дека со така добри пријатели во западниот свет дека ние нема да бидеме казнети. Низ програмите на Алфа минаа веројатно стотици луѓе, од кои голем број се прилично успешни,“ порачува Фридман.
ЕУ ги има „закачено“ Фридман и Авен по основа на состаноци со американските власти во 2018 во кои тие ја пренесуваат позицијата на руската влада околу санкции и контра санкции. Според Фридман тие биле во САД на покана на Атлантскиот совет, како и неколку пати претходно, за да разговараат околу тоа што во моментот се случува во Русија.
Нивно второ дело е што соработуваат со Марија, најстарата ќерка на Владимир Путин, која според ЕУ раководела со добротворен проект организиран од Алфа банка, по има Алфа Ендо, во кој се работело на програма за здравствена заштита на руските деца. Фридман за ова тврди дека Марија никогаш нема работено со нив, и дека никогаш ја нема видено во живот ниту знае која е таа.
За вработени во поранешната нафтена компанија на Фридман, ТНК-БП која во 2013 и беше продадена на државната Роснефт за 13 милијарди долари, очигледна е соработката на Алфа груп со ликови блиски до Кремљ, како Александер Винокуров, зетот на Лавров, кој од 2014 до 2017 раководеше со инвестицискиот фонд на Алфа, а кој моментално е под санкции од ЕУ и Британија.
На тема Путин, Фридман признава дека се сретнал со него но само како дел од група бизнисмени, а никогаш сам на сам.
„Дистанцата на моќ меѓу Путин и сите други е како дистанцата меѓу Земјата и Космосот.
Кој било да му каже на Путин нешто против војната, би било еден вид самоубиство,“ ги појаснува Фридман односите.
Фридман и Авен поднесоа оставки од сите позиции во нивните компании, вклучително Алфа банка и инвестицискиот фонд Летеруан, од каде им порачале повеќе да не доаѓаат во канцеларија. За перење на името, бордот на Летеруан објавил дека ќе донира 150 милиони долари помош за Украина.