Ал Сиси дојде на позицијата министер за одбрана како замена за 78-годишниот маршал Хусеин Тантави, кој 2 децении му беше министер за одбрана на Мубарак.
Генералот во својата кариера има служено на врвни позиции во командата, разузнавањето и дипломатски оддели на египетските вооружени сили. Меѓу неговите претходни позиции се аташе за одбрана во Ријад, Саудиска Арабија и командна позиција на Синај, каде што се наоѓа и границата со Израел.
На страна успешната кариера во армијата, ал Сиси има два атрибута кои влијаеја на Морси во изборот на министер за одбрана. Прво, во армијата која е позната по секуларизмот Сиси е побожен муслиман, чија сопруга наводно носи комплетно фереџе. И второ, по една година минати на обука во Пенсилванија, на него не му пречи соработувањето со САД, кои ја финансираат египетската армија со 1,3 милијарди долари годишно.
Иако му забележуваат дека покажал склоност кон исламот, ал Сиси имал одлична репутација и меѓу луѓето од американската армија со кои работел.
Стив Герас, пензионираниот американски полковник, кој во САД бил тутор на ал Сиси, го опишува како сериозен студент и побожен муслиман, отворен кон САД и страстен околу иднината на Египет.
"Тој беше сериозен човек. Тој не е човек кој би отишол да гледа стенд ап. Меѓутоа секој пат кога ќе дојдеше да не' види, мислам секоја недела... неговите очи секогаш беше многу топли. Неговиот тон беше многу срдечен," изјавил поранешниот полковник.
Во Египет дел од либералите беа доста загрижени околу ал Сиси, посебно по неговите забелешки во кои ја брани армиската политика (ова подоцна беше негирано) за спроведување на "тестови за девственост" на женските демонстрантки.
Без разлика на ова, армијата под водство на Сиси имаше масовна поддршка во земјата, што ја прави единствена таква институција во Египет. Минатиот месец анкетите покажаа дека 94% од населението имаат доверба во вооружените сили.
Ал Сиси внимателно работи на поддршката од народот. Кога годинешните протести почнаа да добиваат на масовност, тој испрати неколку летала да фрлат илјадници египетски знамиња врз толпата на плоштадот Тахрир.
Иако Ал Сиси воопшто не сметаше дека армијата треба да се врати во политиката на земјата, според аналитичарите самиот Морси е виновен за ваквата промена. Според воени извори, главниот пресврт се случува минатиот месец кога Морси повикува на странска интервенција во Сирија. Истовремено партијата на Морси дури повика и на света војна, реторика што веднаш ја вознемири армијата која со децении се бори против радикални милитанти.
На почетокот од неделата ал Сиси му даде 48-часовен ултиматум на Морси да се повлече од позицијата. На 3-ти јули армијата го суспендираше уставот и го отстрани Морси од власт, а на позицијата како привремен претседател го стави Адли Мансур.