Минатиот месец кинескиот претседател порача дека „секој обид и трик да се расцепи Кина ќе биде осуден на неуспех и ќе биде дочекан со осуда од народот,“ притоа дополнувајќи дека Тајван „ќе биде казнет од историјата“ ако тргне кон сепаратизам.
Пред само една недела тајванскиот премиер во парламентот изјави дека Тајван е суверена и независна држава. Реакцијата на Кина на ова е дека коментарот е „опасен и дрзок“.
На терен Кина во изминатите месеци засилено работи на дипломатска изолација на Тајван, вршејќи притисок врз светските држави и институции да ги прекинат своите односи со островот. Во исто време Кина ја намали трговијата со Тајван, културната размена и туризмот, додека ги зголеми поморските воени вежби и прелетите на воени авиони преку стратешки важниот Тајвански проток.
Експертите го предупредуваат САД дека ситуацијата треба да ја сметаат за идентична на онаа од 2014 пред анектирањето на Крим од руска страна. Ваквиот став делумно е инспириран и од изјавата на еден функционер на кинеската морнарица кој изјави: „Треба да му го направиме на Тајван тоа што Путин го направи на Крим.“
Проблемот на САД во целата работа е што додека тие се главниот странски партнер и снабдувач на оружје на Тајван, Кина им е исклучително важен соработник почнувајќи од помошта околу Северна Кореја, па до трговијата.
„Она што е сега драма е дали по кинескиот гнев околу воведувањето на нови тарифи за кинески производи од страна на САД, свесни за ранливоста на Трамп околу Северна Кореја и чувствувајќи ја незаинтересираноста за балансот на воена сила во западниот Пацифик, дали Кина ќе биде примамена да ја тестира американската решителност околу Тајван.
Со неодамнешната телефонска покана за рускиот претседател во Белата куќа, Трамп изгледа дека простил и заборавил на Крим. Па, колку, стварно, е безбеден Тајван?“ пишува Сајмон Тисдал во текстот за Гардијан.