Британија пред повеќе од еден месец го има испратено во систем барањето за дозвола од САД за користење на Сторм шадоу проектилите и се уште нема добиено повратен одговор за тоа.
Трите извори со кои разговара британски Тајмс даваат различни варијанти на тоа што се случува со барањето. Според едни одобрението е заглавено во системот, за други, во тек се разговори околу Сторм шадоу, а трети објаснуваат дека тоа е стандардната пракса.
Иако Британија сака да и дозволи на Украина да ги користи Сторм шадоу во напади на руска територија, таа за истото бара консензус од сојузниците. Конкретно од САД, Франција и трета, се уште непозната, членка на НАТО.
Ракетите Сторм шадоу можат да гаѓаат мети на оддалеченост од 250 километри, што би им дозволило да погодат воени бази подлабоко во Русија, кои се клучни за руската инвазија на Украина.
Киев константно бара дозвола од САД да ги користи западните проектили со долг домет за уништување на руски воени логистички центри и бази на територијата на Русија, што САД упорно го одбива стравувајќи од нуклеарна ескалација на војната.
Украина се повикува и на Меморандумот од Будимпешта од 1994 во која Западот и даде безбедносни гаранции на земјата дека ќе добие каква и да треба заштита доколку се откаже и го уништи своето нуклеарно оружје.
САД и понатаму држи на првичниот став дека донираното оружје, конкретно ракетите со голем домет, не смеат да се користат вон украинска територија, а една од теориите е дека тие чекаат да видат кои ќе бидат последиците од украинскиот упад во Русија пред да донесат одлука.