Николас Мадуро се рачуна за претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо се рачуна за (привремен) претседател на Венецуела. Првиот го смета вториот за пучист и пион на САД, овој го смета Мадуро за нелегитимен и плус диктатор.
На една страна се ставија САД, Канада, ЕУ, Аргентина, Колумбија, Бразил... (плус горенаведените регионални грамади), на друга се Русија, Кина, Турција („Држи се силно, брате Мадуро“, му порача Ердоган), Мексико, Иран....
Пошто во игра се Русија и Кина со право на вето во ОН, тешко дека пресврт ќе може да се изведе со некаква легитимна резолуција. Венецуела (на Мадуро) ги прогласи луѓето од американската амбасада за персона нон грата, ама Трамп им нареди „бидете така“ (освен небитните кои ја напуштија земјата). Оставањето на луѓе во земја која ги прогласила за непожелни личности, се толкува како мамец кој треба да послужи како алиби за евентуална американска воена интервенција во Венецуела.
Од 35-те членки на Организацијата на американски држави (ОАС), Мајк Помпео деновиве побара да се стават во одбрана на демократијата и владеењето на правото. Тек да се каже, Помпео никогаш не спомнал „демократија и владеење на правото“ во врска со, на пример, Саудиска Арабија. На крајот, нешто помалку од половина членки од ОАС решија да го признаат Гуаидо, додека од останатите, шест се за Мадуро а другите или апстинираа или нагласија дека е побитно тоа што Венецуела се соочува со хуманитарна криза.
Тврдењата за нелегитимноста на Мадуро, САД ги темелат на последните избори во мај 2018 година, кои беа бојкотирани од десничарската опозиција. Тие избори генерално минаа со многу слаб одѕив од галасачите, што беше знак дека на луѓето им е збоктисано и од едните и од другите.
Запрашан како венецуелските избори се спорни а не беа спорни оние во Египет од март 2018, кога генералот Абдел Фатах ел Сиси обзнани победа со фасцинантни 97% (при што десетици илјади политички противници му се во затвор), американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, отприлика рекол: „Ок, ама ова е во наш двор“.
Американската загриженост за „демократијата и владеењето на правото“, во случајот на Венецуела има две битни фусноти: нафта и Русија. Русите имаат значајни инвестиции во нафтената индустрија на Венецуела и блиски односи со нивната војска па не чуди што признавањето на Гуаидо и „американскиот оркестриран пуч“, Москва го оцени како “валкан и криминален чин“.
Американскиот стап уште не е изваден а морковот се состои од смешни 20 милиони долари во храна и лекови. Тоа е 250 пати помала сума од 5-те милијарди долари за Ѕидот кои Трамп ги смета за минорни и, според Интернационалата, е безначајна во споредба со десетиците милијарди долари кои САД ги имаат испумпано од Венецуела. Американците планираат да ја канализираат помошта преку националното собрание кое е институционална база на Гуаидо, како дел од интенцијата да се секнат финансиските параметри за натамошно функционирање на Владата
Да не си во Венецуела. А три милиони и не се, колку што изнесува бројот на оние кои ја напуштија земјата поради страшната економска криза. Под санкции се (а најверојатно ќе попијат и нови), хиперинфлацијата ги натера да воведат нова валута која продолжи да ја губи вредноста, левичарскиот режим на Мадуро е опколен со десничарски режими во Колумбија и Бразил.
Запад му ласка на Гуаидо дека е „нова надеж“ и „свеж ветар“ ама и овие на Мадуро (засега) се доста дрчни:
„Гуаидо! Веќе е спремна твојата затворска ќелија и униформа. Се надевам дека брзо ќе го составиш својот кабинет за да знаеш кој ќе ти прави друштво во затворот, глупо дете едно!“, твитна Мариа Рангел, политичар од врвот на владеачката партија.
Секаде, а особено во јужна Америка, во вакви случаи можеби најбитно е на чија страна ќе биде армијата. Министерот за одбрана, Владимир Падрино, заедно генералштабот, вчера излезе пред камери и соопшти дека земјата се соочува со државен удар против институциите и демократијата на Венецуела и предупреди на опасноста од граѓанска и братоубиствена војна. Собраните генерали и адмирали ја потврдија поддршката за Мадуро.
Па сепак, ако имате дилеми како сето тоа ќе испадне, сетете се на некои други искуства и бидете мирни: „демократијата и владеењето на правото“ секако ќе победат, нели? Ако паралелата некому му изгледа премногу вештачка, за крај информацијата дека Гуаидо изразил подготвеност на Мадуро да му понуди амнестија ако се тргне на време.
*******
* За помладите, објаснување за насловот