Обидите на Западот да го „глобализираат“ конфликтот за сега добија поддршка од само 33 држави, кои претставуваат една-осмина од глобалната популација, главно држави кои се во директната сфера на влијание на САД, и од кои добар дел имаат огромно американско воено присуство.
Томас Фази од Анхрд пишува дека не само што Американците се прецениле околу глобалната заинтересираност за вмешување во војната, туку истата во пракса ги засилува врските на Русија со најголемите не-западни држави, вклучително Кина и Индија, и „го забрза подемот на нов меѓународен поредок во кој Западот е тој што се повеќе изгледа изолиран, а не Русија.“
Како пример тој наведува дека од 24 февруари Кина значително ја зголемила набавката на руски нафта, гас и јаглен, додека во спротивен правец испорачала далеку повеќе машинерија, готови производи и електроника. Трговијата меѓу двете држави е зголемена за повеќе од 30%. Посебна болка е што сета оваа трговија, заради санкциите се одвива во рубљи и јуани, а не во долари што беше стандард до сега.
Пекинг не е запрен со повторување дека врските со Москва се засилуваат и продлабочуваат во сите области, а пред една недела и кинескиот претседател Ши реши да оди во посета на Москва.
Кина за сето ова време е целосно наклонета кон гледиштето на Лавров дека „војната воопшто не е за Украина... туку таа ја одразува борбата за тоа како ќе изгледа светскиот поредок“.
Приближувањето на двете држави значително е помогнато и од агресивната позиција што САД почна да ја зазема кон Кина, па дури и Ши јавно го обвини Вашингтон дека води кампања за потиснување на Кина:
„Западните држави - предводени од САД - имплементираа сеопфатно оградување, обиколување и потиснување против нас, доведувајќи до сега невидено сурови предизвици за развојот на нашата држава.“
Во идентично невообичаено острата критика на САД, кинеското министерство за надворешни работи објавува документ под наслов „Американската хегемонија и нејзините опасности“, во кој тврди дека Америка се мешала во внатрешните работи на други држави за да ја одржи и искористи хегемонијата, и свесно да води војни, кои предизвикале штета на меѓународната заедница.“
„Проблемот за САД, и за Западот, е дека оваа порака почнува да држи и кај останатите држави низ светот. Добар дел од луѓето кои не се опфатени од 'Западот' сметаат дека САД не се во позиција да им држат предавања на други држави околу светоста на суверенитетот, територијалниот интегритет, меѓународниот закон и т.нр. поредок базиран на правила.
Тие сметаат дека САД претходно ги прекршил овие принципи - последно со катастрофалните инвазии и бомбардирања против Ирак, Авганистан, Либија и Сирија.
Ова е причината зошто обидот на Западот да го прикаже конфликтот во Украина како морална бита меѓу 'доброто и лошото' предизвикува голема непријатност кај многумина што не се дел од Западот, посебно во државите кои биле опфатени од западните колонијални подвизи,“ пишува Фази.
Пример за ова доаѓа од Вашингтон пост кој минатиот месец објавува серија интервјуа со луѓе од Јужна Африка, Индија и Кенија, на тема војната во Украина. На крај Пост заклучува дека соговорниците имаат „длабоко амбивалентно гледиште околу конфликтот, оформено многу помалку од тоа дали Русија згрешила што извршила инвазија отколку од актуелните и историски неправди што му ги припишуваат на Западот.“
„Кога Америка почна војна со Ирак, кога Америка почна војна со Либија, тие имаа свои оправдувања за тоа во кои ние не верувавме, и сега се обидуваат да го свртат светот против Русија... Се уште не гледам никакво оправдание за вршење инвазија на држава, но не може да ни држат предавања околу руската инвазија на Украина. Искрено се чувствувам како да нè малтретираат,“ коментирал популарниот јужноафрикански радио-водител, Клемент Манјатела.
Индија е исклучиво болна точка за Западот, бидејќи како најголемата демократија на светот нејзината соработка со Русија не може да се оправда по истиот авторитарен шаблон што се користи за Кина. Нејзината трговија со Русија е зголемена за 400% од почетокот на инвазијата, главно заради огромниот скок на увоз на нафтени производи. Русија во исто време останува најголемиот снабдувач со оружје на Индија, а Њу Делхи ова го правда со „историското значење на раскинување од диктатот на западната надворешна политика“.
Фази сето ова го толкува како знак дека во тек е радикално геополитичко преструктуирање „кое ќе го забрза падот на глобалната американска надмоќ“. Тој цитира и студија на Европскиот совет за надворешни работи, според која како што САД и Европа се повеќе се зближуваат, така тие се повеќе се оддалечуваат од остатокот на светот. Во студијата се заклучува дека “дури и ако Украина некако успее да ја добие војната, 'малку е веројатно' дека ќе биде возобновен либералниот светски поредок предводен од САД. Наместо тоа 'Западот ќе мора да живее како една од страните во мултиполарен свет.“