Како по 3 години војна издиша популарноста на Зеленски

Човекот што успеа да го собере цел Запад зад себе, и на зборови и на пари и на дела, и да ја води Украина во најтешките денови на окупацијата, моментално се наоѓа на дното од својата популарност, а најголемиот дел од гласачите би сакале тој да не бара втор мандат.

Наспроти сите очекувања, Зеленски во првите денови од руската инвазија не мрдна од Украина, дури и кога руската војска беше на само километри од Киев. Дома целиот народ застана зад него, а при посетите на Европскиот парламент и американскиот Конгрес, Зеленски добива стоечки овации. Три години подоцна, кога украинските фронтовски линии се пред крах, војската неуспешно спроведува мобилизација, а странските држави се потешко вадат пари и оружје за поддршка на Киев, повеќе речиси никој не стои зад Зеленски.

На последна анкета од Центарот за социјален мониторинг во Киев само 16% од анкетираните изјавиле дека би гласале за втор мандат на Зеленски. Во истата анкета, околу 60% изјавиле дека не би сакале Зеленски да се кандидира за реизбор.

На прво место на оваа анкета, со 27% поддршка од анкетираните, е поранешниот прв човек на украинските вооружени сили, Валериј Залужниј, кој во февруари беше сменет од Зеленски заради незадоволство околу начинот на кој се справува со војната. Од јули годинава Залужниј служи како украински амбасадор во Британија.

Претседателските избори кои беа закажани за годинава беа одложени на неодредено време заради неможност за нивно одржување, а официјално мандатот на Зеленски заврши во мај.

Кога Зеленски победи во 2019, тој порача дека нема намера да се кандидира за втор мандат. Меѓутоа од тогаш го менува својот став и порачува дека сепак ќе учествува на изборите доколку тие се одржуваат за време на војна.

Дури и сегашниот катастрофален рејтинг на Зеленски е во опасност од дополнително тонење доколку украинскиот претседател попушти под притисокот од САД да ја симне границата за мобилизација од 25 на 18 години. Изминатиов период од Вашингтон доаѓаат критики дека Украина едноставно не мобилизира доволно луѓе за да може да го одбрани фронтот. Контрааргументот на Киев е дека Вашингтон, и Западот, не постигнуваат да снабдат доволно опрема и оружје за Украина да може да ги снабди и оние војници што сега ги регрутира.

Слично како што беше и со намалувањето на границата од 27 на 25 години, и овој пат, одлуката ќе треба да ја изгласа украинскиот парламент, каде партијата на Зеленски го има мнозинството, за потоа само да биде потпишана од Зеленски.

Ако симнувањето од 27 на 25 беше истуркано со грдни напори, евентуалното симнување на границата на 18 години се смета за директна закана за иднината на Украинците како нација, кои никако не би можеле да ги надоместат изгубените млади сограѓани од кои зависи растот или барем одржувањето на наталитетот во земјата.

На Зеленски не му оди во прилог и тоа што за Украина е карактеристично што во овие 30 и кусур години од осамостојувањето ниту еден претседател освен Леонид Кучма во 1999, не бил реизбран на својата позиција.

2 декември 2024 - 14:55