Како новинарите ги изведоа Панама документите

Кога во 1971-ва Њујорк тајмс објави 7.000 страници од тајни документи за војната во Виетнам, тоа беше најголемото протекување на државни тајни во историјата, и се на се тежеше неколку мегабајти. Кога Викиликс шокираше во 2010-та, на виделина излегоа 1,73 гигабајти информации. Во неделата Панама документите го потресоа светот со објавување на речиси 150 документи од вкупно 11,5 милиони.

Во неделата над сто медиуми од целиот свет, координирани од Меѓународниот конзорциум на истражувачи новинари (ИЦИЈ) од Вашингтон, објавија стории поврзани со Панама документите, обелоденувајќи дека ја поседуваат огромната база на протечени документи кои ја покажуваат распространетоста на избегнување даноци и механизмот за перење пари што го користат некои од најмоќните луѓе на светот.

Во вкупно 2,6 терабајти содржани се над 4,8 милиони мејлови, 3 милиони бази на податоци и 2,1 милион пдф фајлови од панамската компанија Мосак Фонсека. Адвокатската фирма е основана во 70-те од Јурген Мосак (роден во Баварија, инаку син на десетар на вооруженото крило на Нацистичката партија на Хитлер кој по војната работи за САД и се преселува во Панама) и Рамон Фонсека (моќен панамски политички лидер и автор на бестселери).

Директорот на ИЦИЈ, Џерард Рајл, смета дека во овие 2,6 терабајти податоци се содржани речиси сите документи од 40-годишното работење на Мосак Фонсека.

Според Рајл целата работа започнува кон крајот на 2014-та, кога неименуван извор го контактира Зидојче Цајтунг, германскиот весник кој претходно има известувано за едно помало протекување документи од Мосак Фонсека. Изворот го контактира новинарот на Зидојче Цајтунг, Бастијан Обермајер, преку енкриптиран чет нудејќи некакви податоци кои "треба да ја обелоденат вистината" за претходниот случај. Изворот предупредува дека неговиот / нејзиниот живот е во опасност, и дека сака да комуницира само преку енкриптирани канали, и одбива лично да се сретне со новинарите.

На прашањето "за колку податоци зборуваме," изворот одговара "повеќе од што, кога и да било имаш видено."

Обермајер во разговор за Вајард објаснува дека двајцата комуницираат преку неколку различни енкриптирани канали кои често пати ги менуваат, притоа постојано бришејќи го последниот разговор.

"Тој алудира на енкриптирани апликации како Сигнал и Трима, како и ПГП енкриптирани мејлови, меѓутоа одбива да каже конкретно кои методи ги користат. Секој пат кога тој и изворот воспоставуваат нова врска, тие користат однапред утврдена комбинација на прашање и договор. На неговото 'дали е сончево?' изворот одговара со 'Месечината врне' или каква и да е глупост," објаснува Енди Гринберг во текстот за Вајард.

Откако добиваат и разгледуваат дел од документите, Зидојче Цајтунг го контактираат ИЦИЈ (кој претходно координира објавување на неколку вакви комплети), по што луѓе од конзорциумот заминуваат за Минхен за да им помогнат на новинарите на весникот.

Додека ова се одвива, во позадина продолжува пристигнувањето податоци, кои се уште не е јасно како се собрани бидејќи Обермајер (веројатно заради безбедност) одбива да објасни како изворот успевал да ми испрати стотици гигабајти со информации. Една од претпоставките на Вајард е дека на Обермајер по пошта му биле испратени енкриптирани хард-дискови.

Вака собраните податоци (кои се преработени во дигитална форма да може да се читаат и анализираат) се ставени на сервери на ИЦИЈ, од каде вклучените новинари ќе можат да ги обработуваат. Линкот до пребарувачот на документи преку енкриптиран меил е испратен до десетици медиуми и новинари кои ги анализирале податоците. Во пребарувачот има и апликација за четување, за подобра соработка меѓу новинарите кои работат на сторијата, "па ако сакаш да разгледуваш бразилски документи, ќе најдеш бразилски новинар.". Меѓу над стоте медиуми и нивни новинари, нема ниту еден македонски медиум или новинар. (Од Бугарија е 24 часа, од Словенија е Дело, од Србија е Крик.)

И покрај распространетоста на операцијата и бројноста на новинарите, тие успеваат да спречат какво било предвремено објавување на документите.

Рајл објаснува дека овој пат нема да има масовно објавување на сите документи, во стил на Викиликс, бидејќи тоа би можело да открие чувствителни информации за невини физички лица, паралелно со бројките за јавните личности со кои јавноста треба да биде запознаена.

"Ние не сме Викиликс. Ние се обидуваме да покажеме дека новинарството може и одговорно да се работи," изјавува Рајл, препорачувајќи им на новинарите да не престанат да ги пребаруваат документите, меѓутоа да го обелоденат само она што е од јавен интерес на нивните држави.

Откако ги има сите документи, Обермајер заради претпазливост ги уништува мобилниот и хард-дискот на лаптопот кој го користи за комуникација со изворот. Тој тврди дека и самиот не знае кој е човекот што е извор на податоците.

5 април 2016 - 12:35