„Сè што тие ни прават, можеме и ние ним да направиме“, порача Барак Обама обелоденувајќи дека лично му рекол на Путин „да прекине“ за да не се соочи со „сериозни консеквенци“.
Иако Русите веќе одговорија или да се приложат докази или да се престане со обвинувања (види тука) некои западни медиуми си играат со претпоставки што сè му стои на располагање на Обама за да се реваншира до 20 јануари кога Трамп треба да биде инаугуриран:
Да покрене истрага
Тоа веќе го направи и вети дека ќе ги објави резултатите пред инаугурацијата. Не му останува многу време бидејќи за секаква акција врз основа на сознанијата од истрагата, ќе треба пас од двата законодавни дома што ги контролираат републиканците.
Да ги објави информациите
ЦИА, ФБИ и американската влада сигурно знаат повеќе отколку што сега обелоденуваат. Единственото што ги спречува да излезат јавно со тоа е штетата од обелоденувањето на изворите и механизмите по кои се дошло до информациите.
Да ги удри по џеб
Луѓе од Институтот Хадсон сугерираа американската влада да ги отвори финансиските книги за руските олигарски, меѓу кои и на самиот Путин, кој, според нивните процени, тежи 40 милијарди долари. Предлогот е ваквите информации да се пуштат до одбрани новинари за тие „професионално“ да ги преџвакаат, при што особено да се користат оние финансиски информации поврзани со офшор-ентитети каков што е американскиот Делавер.
Да почне нова светска војна
Оние што ја гледале 7-та сезона од West Wing ќе се потсетат кога Мет Сантос беше избран за претседател, а Џосаја Барлтет започна воени операции во контроверзниот Кумар. „До 20 јануари Обама е врховен командант на американската војска и му се може тоа“, мирнодопски заклучува IBM Times.
Да организира државен удар
За американски воен пуч се зборуваше во предизборниот контекст, кога Трамп велеше дека можеби нема да ги признае резултатите ако изгуби нефер. Но дали американските слободари би дозволиле Обама да паркира тенкови во тревникот на Белата куќа на 20 јануари?
Не е тоа толку лудо колку што изгледа. Една сондажа на YouGov од септември обелодени групација што со 43% се изјасни дека може да замисли да поддржи воен удар. Најинтересно е која е таа групација: републиканците. Меѓу демократите, поддршката изнесуваше само 20%.