По триумфалните резултати на европските избори, а сега и после извонредниот скор во првиот круг од француските парламентарни избори, партијата на Ле Пен е на пат на Макрон дефинитивно да му ја огади неговата сопствена одлука да распише предвремени избори.
Сегашниот лидер на Националниот собир, Жордeн Бардела, би можел да стане најмладиот премиер во историјата на Франција. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде еден од најголемите пресврти на политичката сцена во Европа.
Кога Национален фронт беше основан во 1972 година од Жан-Мари Ле Пен, тоа беше збирштина од различни елементи и отпадници од главните струи. Во текот на осумдесеттите, екстремно десничарската партија стана страшило на француската политика. Кога стигна до вториот круг од претседателските избори во 2002 година, тоа се доживуваше како потенцијална катастрофа за нацијата, но партијата никогаш не беше во можност да го преземе управувањето бидејќи се работеше за токсичен, радиоактивен бренд со кој никој не сака да си има работа.
Иако таквото наследство не може целосно да се избрише, ѕверот кој го одгледа Марин, ќерката на Жан-Мари, повеќе не е радикална бабарога од маргините на француската политика.
Ле Пен помина 15 години во „детоксикација“ на својата партија, чистење од нејзините поекстремни членови, менување на нејзиното име, па дури и по некој разменет удар со нејзиниот татко во меѓувреме.
Денес, неверојатни 92% од Евреите веруваат дека левичарската партија на Жан-Лук Меланшон придонесува за порастот на антисемитизмот, во споредба со само 49% кои тоа го сметаат за Националниот собир.
Марин ги избруси сите груби делови од партијата. Своевремено ја нарекуваа „Маријана од Фрегзит“ бидејќи беше за следење на англискиот пример за раскинување со ЕУ. Денес строго внимава да не каже нешто што би се толкувало како агресивен евроскептицизам. Денес таа е како Џорџа Мелони од Италија: поборничка за национализам во ЕУ, наместо национализам во рамките на една земја.
Марин Ле Пен ги ублажи и своите критики кон НАТО, а руската инвазија ја вакцинираше партијата од нејзините претходни знаци на путинофилија. Национален собир можеби не е најголемиот поддржувач на Киев, меѓутоа не се спротивстави на повеќето француски пакети за помош на Украина.
Дури и за имиграцијата, најрадикалната платформа на Национален собир, навлегува духот на умереноста па ова прашање се рангира само како „трета итна ситуација“, зад трошоците за живот и безбедноста.
Кога пред две години 89 луѓе од НС беа избрани за пратеници, Ле Пен им наложи да стават вратоврски и да престанат да се однесуваат како маргинални активисти. Тие послушаа и почнаа тактички да гласаат и со левицата и со макронистите за различни прашања. Во нивната прва година на пратеничката функција, пратениците на Ле Пен поддржаа околу половина од нацрт-законите на Макронистите, но ја поддржаа и Левицата против цензурата.
Како резултат на сето тоа, почнаа да изгледаат како сериозни политичари а партијата како нормална партија, ослободена од стигмата дека нормален човек би гласал за кого било, само не за нив.
Со своите 17 милиони следбеници на ТикТок, Бардела сега се рангира како втор најпопуларен политичар во Франција. Прв не е Макрон туку градоначалникот на приморскиот Ле Авр во Нормандија.
Но, иако партијата веќе не е составена од хардкор евроскептици, тие внатре сигурно во меѓувреме не се станати евроентузијасти па дури и со умерена платформа, би можела да создаде бури во Брисел, особено околу буџетот и долгот.
Меѓутоа, тоа веќе не е партија од која се затвора нос.