Исходот на референдумот се должи на комбинација на неколку клучни фактори, од долгогодишните сомнежи околу намерите на ФАРК и силната контра кампања на социјалните медиуми, до лошите метеоролошки услови.
Главниот проблем за колумбиските гласачи беше што тие сметаат дека договорот е премногу благонаклонет кон припадниците на ФАРК, кои 5 децении убиваат, киднапираат и тероризираат луѓе во руралните делови од земјата. Според правилата на примирјето, во замена за предавање на оружјето герилците ќе избегнат каква било затворска казна, а ако признаат некое посериозно дело пред суд, тие ќе добијат 5 до 8 години "ограничено движење" надополнето со општествена работа, како деминирање или градење на јавна инфраструктура. Плус ќе добијат државна пензија и ќе им бидат гарантирани 5 места во Конгресот.
Овој гнев беше надополнет со одлично организирана кампања на социјалните медиуми, која на големо влијаеше на гласачите ширејќи, она што според поборниците за договорот, се "дезинформации." Главните аргументи против договорот беа дека тој е само замка за комунизам од кубански стил да ја преземе колумбиската влада, или дека тој ќе создаде систем налик оној во Венецуела каде нарко-дилерите работат заедно со властите.
Како што објаснува експертот од Вашингтонската канцеларија за Латинска Америка, Адам Исаксон, сето ова наликувало на кампањата за брегзит, "и тука ставовите во социјалните медиуми беа или невистинити или очајно им требаше проверка на факти или само делумно вистинити."
Критиката за предлагачот на мировниот договор е дека не се водело никаква официјална кампања про-примирјето, додека противниците добија силна поддршка од поранешниот колумбиски претседател Алваро Урибе, "кој ја покрена целата своја политичка машинерија во борбата против него." Неговиот успех е и што тој наоѓа начин да оформи и испрати лесно разбирлива порака околу опасностите на договорот, додека "кампањата 'за' никогаш не успеа јасно да ги објасни бенефитите од компликуваниот договор од 297 страни."
Непоколебливи фактори во целата работа се географијата на Колумбија, според која луѓето кои се најмногу загрозени од герилата живеат во руралните делови од земјата, додека околу 70% од популацијата е во големите градови. На истиот викенд на гласањето земјата ја зафати и дел од ураганот Метју (4-та категорија) во кој едно лице загина, а дузина куќи беа уништени. Ураганот беше причина за минимална излезност во неколку крајбрежни сојузни држави, каде резултатот бил 2 спрема 1 во корист на мировниот договор.