Американскиот претседател неодамна ги нарече Хаити, Ел Салвадор и африканските земји “shithole“ (за преводите на тој израз пишувавме тука). Изразот не само што е вулгарен и невоспитан, потсетува на неверојатната издржливост на расистичкиот дискурс кон сиромавите.
Професорката Елизабет Томас која се занимава со овие теми го вели ова:
Причината зошто белите националисти често го спомнуваат Хаити и бидејќи таа нација и тие луѓе се уникатни. Хаити го има победено Наполеон, ги има скинато ланците на ропството и ја има извадено на виделина лагата на белите супрематисти и европските империјалисти.
Уште подетален е Џонатан Кац, поранешен дописник на Асошиетед Прес кој напиша книга за Хаити и целата западна бламажа по катастрофалниот земјотрес кој го погоди островот во 2010 година и колерата која следуваше потоа:
За да славите некакв победа кога ќе ги споредите разликите во бруто домашниот производ на Хаити и, да речеме, Норвешка, потребно е ништо да не знаете за историјата на светот. Вклучително и за историјата на САД. Треба да не знаете дека француската колонија која стана Хаити го овозможи богатството кое беше гориво на Француската империја.... а патем обезбедуваше и 2/3 од шеќерот и 3/4 од кафето кое Европјаните ги трошеа.
Треба да не знаете дека Хаити беше основан со револуција против системот и дека европските земји и САД за тоа ги казнуваа со децении, одбивајќи да ги признаат и да тргуваат со нив. Треба да не знаете дека Хаити доби признавање откако се согласи да плати 150 милиони златни франци на француските земјопоседници, како компензација за својата слобода. И да не знаете дека на отплаќање на тој долг Хаити мораше да потроши цел еден век (19-от).
Треба да не знаете дека за да го плати таквиот бизарен долг, Хаити мораше да позајмува пари од странство, меѓу другото, и од американски банки. Треба да не знаете дека во 1914 година тие банки го убедија претседателот Вилсон да испрати маринци за да ги испразнат златните резерви на Хаити. Треба да не знаете и дека целиот 20-ти век Хаити го мина под систематска кражба и репресија, американска поддршка за нивните диктатори и инвазиите во 1994-95 и 2004...
Накратко, треба ништо да не знаете ЗОШТО Хаити е сиромашна (или Ел Салвадор, сеедно) ии ЗОШТО Соединетите Американски држави (или Норвешка, сеедно), се богати. Но, пострашно од незнаењето е кога се нема интерес ни да се постават таквите прашања па се ПРЕТПОСТАВУВА дека некои земји се природно сиромашни и природно удавени во корупција.
На расистите им требаше сиромашен Хаити уште кога беше создадено. Тие ја форсираа сиромаштијата, ја славеа, профитираа од неа. Тие сакаа Хаити да е посрана земја. И сè уште сакаат.