Како ЦИА ја напушти својата последна база во Авганистан

Паралелно со апокалиптично хаотичните сцени од евакуацијата во Авганистан, на само неколку километри од аеродромот со месеци крајно систематски и педантно се одвиваше евакуацијата, чистењето и на крај демолирањето на еден од најтаинствените и најозогласени комплекси во земјата.

Комплексот е составен од базата Игл која официјално ЦИА низ годините ја користи за обука на авганистанските антитерористички единици, и Солт пит, кој според извештај на американската влада, ЦИА го користи како локација за притворање и измачување заробеници. 

За време на повлекувањето ЦИА разрушува (крева во воздух) делови од двете бази. Токму експлозиите кои се слушнаа во близина на аеродромот, по смртоносната експлозија, беа дел од операцијата на ЦИА за уништување на докази и какви било останки од нивниот престој во комплексот. Њујорк тајмс пишува дека дури и кога се случуваа детонациите, ЦИА од хелиодромот во базата извршува тајни евакуации.

Комплексот се наоѓа на околу 4,5 километри од аеродромот во Кабул, и според сателитските снимки се протега на околу 2 километра.

Сателитските снимки покажуваат дека ЦИА прво почнала да уништува објекти во Салт пит, во април и мај, веднаш по објавата на Бајден дека САД се повлекуваат во септември. Ова се објекти кои биле изградени меѓу 2002 и 2004, годините во кои американските владини документи покажуваат дека ЦИА ја користела локацијата за „напредни испрашувачки техники“.

Дополнително уништување се случува на 27 август, кога Пентагон објави дека американските сили спровеле уништување на сопствената опрема.

Базата Игл во која се спроведува обуката на авганистанските специјалци е поставена во поранешна фабрика за цигли, па од таму се шири со дополнителна изградба на објекти. Новите објекти вклучуваат од магацин до терени за обука. На 27 август главно се уништени новите објекти.

Снимка од 24 август покажува дека паралелно со чистката на комплексот, пред него е паркирана редица автомобили, далеку повеќе од вообичаено, која се толкува како доказ дека од таму се евакуирани лица за кои ЦИА имала интерес да не одат преку главниот аеродром. На снимка од неколку дена подоцна сите овие возила се запалени.

За да се избегнат проверки од Талибанците, луѓето со Ми-17 хеликоптер се пренесувани од аеродромот Хамид Карзаи до хелиодромот во базата. Тајмс пишува за 35 лета направени од три Ми-17 хеликоптери од аеродромот до базата од 15 август. Процената е дека стотици лица се евакуирани токму преку оваа база.

Изборот на руски Ми-17 и покрај изобилието на американски хеликоптери на располагање е затоа што истиот модел го користи и авганистанската војска па не е ништо сомнително над Кабул да си види таков хеликоптер во лет.

Тајмс пишува дека сопственик на хеликоптерите е приватна американска компанија чиј менаџер има блиски врски со американските безбедносни агенции. Од претходно е познато дека ЦИА ги користи руските Ми-17 хеликоптери, вклучително и во септември 2001 пред самиот почеток на војната.

Податоците за летање покажуваат дека хеликоптерите главно оперираат од Апрон 7, затскриен дел од аеродромот во Кабул.

Првите снимки од комплексот се појавуваат на 30 август, кога влегуваат Талибанците и наоѓаат само останки од некогашните бази.

2 септември 2021 - 15:25