Најдовме ние да ги жалиме

Германскиот пензиски систем е пред колапс

Актуелната германска министерка за економија предупредува дека на долг рок, ситуацијата со пензискиот фонд е неодржлива. Населението старее, сè помалку работоспособни луѓе мора да алиментираат еден пензионер, фондот голта сè повеќе милијарди евра. Решението ѝ звучи скроз германски: да работиме подолго! Само што, лесно е тоа да се каже додека се седи во фотеља во Берлин.

За германската министерка за економија Катарина Рајхе од ЦДУ, постои едноставен начин да се решат хроничните проблеми на германскиот пензиски систем.

„Мораме да работиме повеќе и подолго“, изјави таа за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Ветувањата од некои партии дека ќе го решат проблемот нема да бидат доволни бидејќи стареењето на населението во Германија одамна е препознаено како проблем. Просечната возраст од 46,7 години е осма највисока во светот и трета највисока меѓу големите економии, веднаш зад Јапонија и Италија.

До 2040 година, се очекува четвртина од населението да има 67 години или повеќе. На почетокот на 1960-тите, имало шест вработени за секој пензионер - денес односот е 2 спрема 1 и е во тренд на опаѓање.

Оваа година, две третини од буџетот на Министерството за труд ќе одат во пензискиот систем: 121 милијарда евра.

„На долг рок, неодржливо е да работиме само две третини од нашиот возрасен живот, а една третина да ја поминуваме во пензија“, брутално заклучи Рајхе. „За жал, премногу луѓе предолго одбиваат да ја прифатат демографската реалност.“

Нејзините коментари, кај германските социјалдемократи беа протолкувани како шлаканица за работниците.

„Лесно е да се каже додека се седи во удобна фотелја во Берлин“, рече еден од нив. „Треба да излезете и да поразговарате со луѓе низ целата земја кои работат како градежници, медицински сестри, наставници... за да видите дека од умор, едвај чекаат да наполнат 67 години.“

2 август 2025 - 11:57