Меѓу мерките што Западот ги разгледува во обид да ја заузда Русија и нејзините наводни планови за инвазија на Украина се ограничување на пристапот на Русија до технологија (авионска, микрочипови...), контрола на извозот и исклучување од СВИФТ глобалниот финансиски систем.
„Иако големите западноевропски членки на ЕУ во принцип остануваат обврзани на значителен одговор кон Русија, дел од нив искажаа загриженост кај САД околу потенцијалот тоа да им наштети на нивните домашни економии,“ пренесува Блумберг.
Стравот на европските партнери во сојузот против Русија е дека Русија ќе возврати на ова со сопствени економски мерки, плус кратење на испораката на природен гас кон ЕУ, која и онака веќе плаќа рекордни цени за гасот. Русија и понатаму чека на дозвола од Германија и ЕУ за да почне со испорака на гас преку Северен тек 2, што значително би ги намалило цените на природен гас.
Во пракса, најголемиот дел од мерките што ЕУ планира да ги воведе против Русија ќе треба да бидат одобрени едногласно од сите 27 земји членки на Унијата, од кои не сите се идентично расположени за санкционирање на Русија.
Моќта на ЕУ е што е најголемиот трговски партнер на Русија, на која отпаѓа 37% од трговијата на земјата. Во исто време 25% од целата нафта што ја увезува ЕУ потекнува од Русија.
Проблемот на ЕУ е што од пред некое време го изгуби својот „лидер“ Ангела Меркел, која имаше моќ и капацитет директно да преговара со Путин и истовремено да ја предводи ЕУ кон потенцијално решение.
Иако двете страни во Женева преговараа за повеќе точки, главното барање на Западот беше Русија да не изврши инвазија на Украина, нешто за што Путин јавно порача дека моментално нема планови да го направи. Русија моментално има 100.000 војници во близина на границата со Украина, и земјата веќе има развиено капацитет за распоредување на дополнителни единици за кратко време, период од една до две недели.