Точно 10 години откако првпат најави дека ќе го затвори Гвантанамо, Барак Обама кон крајот на февруари оваа година уште еднаш запна да го оствари ветувањето. Тешко, со оглед на тоа што републиканските кандидатги фронтално ја одбија ваквата идеја. Како што рече сега повлечениот Марко Рубио:
"Не само што нема да го затвориме Гвантанамо туку секој терорист кој ќе го фатиме во иднина ќе го носиме таму и ќе дознаеме сè што знае."
Ама, тие или не знаат (што го потврдува сомнежот дека таму лежат огромен број невини луѓе), или пак одбиваат да кодошат, и покрај бруталните методи на истражување и изнудување информации.
85 проценти од сите затвореници во Гвантанамо се таму само за да се добие корисна разузнавачка информација од нив. Па сепак, две третини се покажале неупотребливи за таа цел.
Протечениот пакет (JTF-GTMO) за 765 лица кои во Гвантанамо се лишени од слобода (ни кривични пријави ни бутур, со години) дава драгоцени податоци за нивниот профил, меѓусебни односи, разузнавачка вредност, ниво на непослушност. и сл. Драгоцени дури и за академски социолошки истражувања што досега главно не се правеше заради страв од законски реперкусии.
А друштвото е шарено да пошарено не може да биде. Зад решетките во Гвантанамо има луѓе од Канада, Австралија, Шведска, Данска, Велика Британија, Шпанија, Турција, Русија, Кина, Бангладеш, Судан, Уганда, Замбија, Индонезија.
Сепак, најголемите групи се од Авганистанци (29%), Саудијци (17%), Јеменци (15%) ем Пакистанци (9%).
За 84 проценти од затворениците, единствената цел на нивниот трансфер во озлогласениот затвор било "обезбедување информации". Околу 7 проценти се осомничени за поврзаност со Ал Каеда или друга мрежа, за 2 процента причината била и поврзаноста и информациите и само 12 притворени лица (помалку од 2%) се таму за да дочекаат судски процес за терористички активности против САД.