Израел беше речиси целосно блокиран од протестите во март кога владата предводена од Бенџамин Нетанјаху објави планови за целосна измена на столбовите на кои се темели тамошното судство, во кои владата би имала далеку поголема контрола во изборот на судии.
Според протечените документи, во извештај од 1 март се тврди дека лидерите на Мосад „се залагале за функционери на Мосад и израелски граѓани да излезат и да протестираат против предложените судски реформи од израелската влада, вклучувајќи и неколку експлицитни повици за делување кои се критички за израелската влада.“
Во документите се објаснува дека податоците се собрани преку „сигнално разузнавање“.
Високи функционери на САД ја потврдуваат легитимноста на документите, иако како што објаснува Њујорк тајмс, нивната автентичност не е индикатор за нивната точност.
Запрашани за коментар, од кабинетот на премиерот, во кој учествува и Мосад, изјавиле дека ги разгледуваат извештаите.
Познато е дека дел од вработените на Мосад побарале и добиле дозвола да учествуваат во демонстрациите како приватни граѓани. Истовремено неколку стотици поранешни вработени на Мосад, вклучително и пет поранешни директори, потпишале изјава во која се спротивставуваат на предложените владини промени.
До сега Мосад никогаш нема заземено став околу која било политичка или општествена контроверза во Израел, и целиот капацитет на агенцијата, за разлика од Шин Бет, е насочен кон странство.
Слични тврдења како напишаното во документите имаше и синот на Бенџамин, Јаир Нетанјаху, кој изјави дека зад протестите се непријателски елементи во израелското разузнавање и американскиот Стејт департмент.