Сателитски снимки претставени на увид на Ројтерс и изјави од Палестинци сведочат дека израелските сили во декември ја поместиле линијата на разграничување во неколку населени места во Газа. Тоа претставува прекршување на договорот за прекин на огнот поддржан од САД, но никој не реагира.
Демаркациските камења некаде се поместени за десетици метри, а некаде и за неколку стотици. Тоа можеби се чини незначително, но Газа е мала енклава од 360 квадратни километри, широка едвај 6 километри во северните делови. Поместување на границата за 120 метри би одзело 2% од територијата во која живеат над 2 милиона луѓе.
Стеснувањето на просторот е највпечатливо во Ал Туфа, историски кварт на градот Газа. По прекинот на огнот во октомври, во Ал Туфа се вратиле илјадници Палестинци, во зона означена на картите дека нема да биде под привремена окупација. Израелските сили ги поместиле граничните блокови за околу 200 метри и ги протерале жителите од зоната. Во овој дел во изминатите неколку месеци биле урнати најмалку 40 згради.

Претставник на Силите за одбрана изјави за Ројтерс дека во регионот продолжуваат операциите против Хамас, вклучувајќи уништување на тунелите. Офицерот објаснил дека „не е можно да се означи линија на разграничување идентично како што се гледа на картите, бидејќи често пати се испречуваат куќи, згради или други објекти“. Жолтата линија на мапите тој ја опишал како „илустративна“.
Во Кан Јунис, во јужниот дел на Газа, израелската војска во декември поместила два камења за разграничување – едниот 390 метри зад линијата, а другиот 220 метри. Набрзо потоа биле уништени повеќе згради и биле отстранети шатори за сместување раселени лица.
Сателитски снимки покажуваат дека војската изградила најмалку шест големи утврдувања, сите на израелска страна оддалечени 700 метри од линијата на контрола. Едно од нив, во Беит Ханун во северна Газа, е 264 метри од линијата.

Мировниот план на Трамп од 20 точки повика на итен прекин на огнот и на „замрзнување на борбените линии“. Сепак, Израел доби право да ја задржи контролата врз повеќе од една половина од територијата на Газа „сè додека не бидат исполнети условите за постепено целосно повлекување“, поврзани со разоружувањето на Хамас.
Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на прекинот на огнот. Локални палестински извори тврдат дека за време на примирјето се убиени повеќе од 460 Палестинци, вклучувајќи и деца, а Израел тврди дека биле убиени тројца војници.