Асошиејтед прес интервјуира украински војници што се враќаат од битките во Донбас кои го опишуваат животот на првите линии на фронтот.
Приказните што ги собира се поделени: едни се жалат за хаотична организација, дезертирање и проблеми со менталното здравје предизвикани од константното бомбардирање; други зборуваат за висок морал, јунаштвото на нивните соборци и решителноста да се продолжи со борбите, дури и кога подобро опремените руски војници контролираат се повеќе од територијата.
Поручникот Володимир Назаренко од украинскиот Свобода баталјон, кој по наредна на претпоставените се повлече од Северодонецк, раскажува дека за време на едномесечната битка руските тенкови ги разнеле сите потенцијални одбранбени позиции и го претвориле градот (со популација од 100.000 луѓе) во „изгорена пустина“.
„Секој ден нè бомбардираа. Не сакам да лажам за тоа. Тоа беа баражи со артилерија на секоја зграда. Градот, систематски беше срамнет со земја,“ изјавува Назаренко.
Војник од баталјонот на Назаренко, Артем Рубан, изјавува „ако некаде имало пекол на Земјата, тоа беше во Северодонецк.“
„Само внатрешната сила на момците дозволи градот да се држи до последен момент.
Тоа не беа хумани услови за борба. Тешко ова тука да ви се опише на вас, како тие се чувствуваа или како беше таму.
Тие таму се бореа до последен момент. Нивната задача беше да се уништи непријателот, без разлика на сè,“ изјавил Рубан.
И покрај ваквите сведоштва и исходот од битката, Назаренко ја смета украинската одбрана на Северодонецк за победа, бидејќи ги задржале Русите подолго отколку што се очекувало, и ги натерале да потрошат повеќе ресурси отколку што очекувале. И Назаренко и Артем се уверени дека Украина ќе ги врати окупираните територии и ќе ја порази Русија.
Други припадници на украинската армија, како Олексиј, кој се бори против руските сепаратисти од 2016, раскажува сосема спротивна приказна, во која неговиот баталјон во рок од неколку седмици останал без муниција, а во еден период соборците не можеле да се исправат во рововите заради константното бомбардирање.
„На телевизија ги прикажуваат убавите слики од фронтот, солидарноста, армијата, меѓутоа реалноста е многу поразлична,“ изјавил Олексиј, кој меѓу другото не верува дека испорака на западно оружје на Украина ќе го смени текот на војната.
Олексиј тврди дека неговата единица изгубила 150 борци во првите три дена од борбите, од кои голем број починале заради губење крв, бидејќи заради непрекинатите бомбардирања, војниците биле евакуирани само ноќно време, а некои требало да чекаат и по два дена.
„На командантите не им е гајле дали си психолошки уништен. Ако срцето ти чука, ако имаш раце и нозе, тогаш мораш да се вратиш,“ објаснува Олексиј.
За 41-годишниот водник Марија, исходот, опасноста и впечатокот од фронтот директно зависат од тоа каде ти е сместена единицата и колку имаш пристап до линиите за снабдување. Па така фронтовските линии што постојат од 2014 се добро утврдени и имаат логистика на која се работи со години, додека новите боишта што ги отвори руската војска „се сосема нов свет“.
Најтрауматичните приказни доаѓаат од војниците кои немаат никакво претходно воено искуство и кои дури по почетокот на војната се приклучуваат на украинската армија. Двајца такви војници со кои разговара Асошиејтед прес, раскажуваат дека биле пратени на фронтот веднаш по завршување на нивната обука, а таму начекале „ужасна организација,“ и „нелогични одлуки“ а голем број од припадниците на баталјонот одбивале да се борат.
43-годишната Татијана Кимион има отворено центар во Словјанск, кој обезбедува опрема и следување за локалните единици, и е место на кое тие можат да одморат од ужасите на војната. Низ центарот минуваат секакви војници од гуштери од ветерани на специјалните единици.
„Првиот пат кога ќе дојде има широка насмевка, па дури може да е и срамежлив. Следниот пат кога ќе дојде, има некоја празнотија во неговиот поглед.
Тој минал низ некои работи, и сега е поразличен човек,“ објаснила Кимион.