„Неспоредливо, најтрајната слика од модерен главен НАТО борбен тенк во руско-украинската војна е видео од запрено возило удрено од евтини дронови, пред да биде запалено и да согори во крнтија од 6 милиони долари,“ пишува Стефан Коршак во текстот за Киев пост.
Коршак раскажува едно неодамнешно видео од уништен Абрамс, кое почнува со детонација во задниот дел од куполата, веројатно предизвикана од руски дрон, по што војниците го напуштаат тенкот, а почетната наизглед минимална штета ескалира како што пожарот предизвикан од дронот стигнува до муницијата и возилото е тотално уништено.
Пред кој било од посериозните НАТО тенкови да се појави на украинскиот фронт, на Западот со месеци кој стигна дебатираше околу тоа дали тие треба да се испраќаат, ако да кој модел, кога и дали Украинците ќе се снајдат со нив, како за возење, така и за одржување.
Ледот го пробија Британците со одлуката да испратат Челенџер 2 тенкови, по нив следуваа Леопард 2 на Германците, а последни стигнаа американските Абрамси.
Самите западни тенкови иако никогаш не ја покажаа супериорноста што беше најавувана, не беа ништо полоши од руските, а нивната главна слабост беше лошиот ПиАр што ја маѓепсуваше западната јавност со секој загубен тенк, без разлика на стотиците запалени и уништени руски тенкови расфрлани по украинскиот фронт.
Заради сето ова денес напредните западни тенкови како Леопард 2 служат како прескапи хаубици паркирани зад фронтовските линии кои од далеку ги гранатираат Русите.
Едно објаснување на американските ветерани е дека успехот на западните тенкови е попречен од евтините руски дронови кои ги демнат тенковите секој пат кога ќе се појават на фронтот. Пример, од првото појавување на Абрамсите на фронтот во февруари годинава до сега најмалку 5 се целосно уништени од дронови.
Друга работа е што за време на овие две години војна технолошки и воено напредните тенкови немаа ниту еден директен судир со тенковските сили на руската армија, заради што стануваат небитни сите предности што тие ги имаат во однос на руските модели.
„Директните судири тенк против тенк СЕКОГАШ биле многу поретки отколку што многумина со интереси во таа сфера би сакале да веруваат. Само треба да ги погледнете податоците од северозападна Европа од 1944. Јом Кипур и Пустинска бура се аномалии диктирани од теренот.
Мислам дека грешката што ја направија западните лидери е претпоставката дека ако ви дадат неколку од нашите најмоќни тенкови, тоа ќе ви овозможи да ги растурите руските линии,“ објаснува за Киев пост поранешен британски тенкист.
Пост потсетува дека украинската 82 десантна бригада составена од искусни војници со пристап до најдобрите оружја и опрема доби 14 Челенџер 2 тенкови. Екипажите на овие тенкови се жалеа дека возилата од 64 тони се премногу тешки за да минат најголем дел од украинските мостови или меката почва, а во исто време имаат и хроничен недостаток на резервни делови. Леопард 2 тежи отприлика исто, а Абрамсот е 5 тони потежок.
Проблем со пристигнатите тенкови, посебно Леопардите, беше што добар дел од нив пристигнуваат во Украина повеќе како чистење воени магацини, а не како реална помош која се очекуваше.
На сето ова се додава и ужаснота на руските одбранбени линии, начичкани со антитенковски мини, доволно моќни да ги уништат гасениците на тенковите, кои потоа се неподвижна мета за дронови, артилерија и хеликоптери.
Неупотребливоста на тенковите во оваа војна ја демонстрираше и украинската армија која успешно уништува колони руски тенкови секој пат кога ќе се појават на домет на украинската артилерија.
„Муниција, повеќе дронови, повеќе Бредлија или ЦВ-90, повеќе артилерија или што и да било друго ќе беше подобро трошење на парите. Тоа сега е очигледно, меѓутоа и тогаш не беше толку скриено и Западот требаше да го има видено,“ објаснува американскиот тенкист и ветеран од Ирак, Мајк Рајдмилер.