Документот кој е резултат на повеќемесечна работа од службени лица и експерти се обидува да го процени вистинското влијание на економската изолација на Русија.
Две од трите сценарија во извештајот покажуваат дека намалувањето на економијата следната година ќе се забрза, а таа би се вратила на нивоа од пред војната дури на крајот од деценијава или подоцна. Според „инертното“ сценарио руската економија следната година би била 8,3% под нивото од 2021, додека „стрес“ сценариото проценува дека економијата во 2024 ќе биде 11,9% од минатогодишните бројки.
Сите три сценарија предвидуваат зголемување на притисокот од санкциите, и дека уште поголем број на држави ќе им се приклучат. Меѓу проблемите што се наведени во извештајот се дека блокадата влијае на сите форми на транспорт во земјата, и дека се очекува до 2025 земјата да ја напуштат 200.000 ИТ стручњаци.
Извештајот бара серија мерки за поддршка на економијата и дополнително олеснување на влијанието на рестрикциите за економијата до 2024 да се врати на предвоени нивоа и да продолжи да расте. Проблемот што тука го забележува Блумберг е дека ова се истите мерки што Владата ги промовираше последнава деценија, кога економскиот раст на Русија главно стагнираше дури и без санкции.
Постоењето на извештајот индиректно го потврдува и министерот за економија на Русија Максим Решетников, кој него го објаснува како „аналитичка проценка што ја користиме за да пресметаме што ќе се случи ако не дадеме отпор и ако ништо не преземеме.“
За следната година до две, извештајот предупредува на намален обем на производство во повеќе извозни сектори, од нафта и гас до метали, хемикалии и дрво. Иако е возможно тие подоцна малку да се вратат „овие сектори ќе престанат да бидат носители на економијата“.
Само прекинувањето на испорака на гас за Европа, главниот руски пазар, ќе ја чини Русија 6,6 милијарди долари во изгубени даночни приходи. Како резултат на ова ќе мора да биде намалено производството на нафта, а како сериозен проблем извештајот го наведува и недостатокот на технологија неопходна за одржување на погоните за производство на течен гас, или изградба на нови.
Кај металопроизводителите извештајот загубата од санкциите ја проценува на 5,7 милијарди долари годишно.
Проблем за Русија би била и глобалната рецесија која прво би ја поништила глобалната побарувачка за руски суровини.
Кај увозот, стапката на руска зависност од странски производи е:
- Земјоделство: производството на 99% од живинарската индустрија и 30% од млечните крави зависи од увоз. Семенски материјал за основни производи како шеќерна трска и компир исто така главно се увезува, како и прехрана за риби.
- Авијација: 95% од цивилниот сообраќај се одвива со увезени авиони, а немањето пристап до резервни делови може да доведе до намалување на флотата.
- Производство на машини: само 30% од опремата за производство на машини е од руско производство а локалната индустрија нема капацитет за да ја покрие побарувачката.
- Фармација: околу 80% од домашното производство зависи од увезени суровини.
- Превоз: рестрикциите од ЕУ ја зголемија цената на патниот превоз на стока за три пати.
- Комуникација и ИТ: рестрикции на СИМ картичките би можеле до 2025 да создадат недостаток на картички во земјата, а нејзиниот телекомуникациски сектор би можел да заостанува пет години зад светските лидери во 2022.