Од Русија и понатаму пристигнуваат нафта и гас во Европа, а во обратен правец секој ден се испорачуваат по 800 милиони евра.
„Германија и нешто помалку Италија во пракса го финансираат бруталниот напад на Владимир Путин врз Украина. Бомбардирање невини цивили, масовно силување и уништување на цели градови е финансирано од европски потрошувачи и индустрија,“ пишува Метју Лин во Телеграф.
Тој им признава на Германците дека водат некакви дебати околу откажувањето од руски енергенси, но дека ништо од тоа до сега не вродило со плод, туку само со заклучок дека трошокот за Русија од тоа би бил премногу висок.
„И тоа е целосно неприфатливо. Ако Германците не сакаат да се жртвуваат тоа е нивна одлука.
Меѓутоа нема причина зошто остатокот од светот би го толерирал тоа. Се ближи моментот кога ќе бидат наметнати санкции на Германија,“ порачува Лин.
Редејќи ги сите санкции што се наметнати на Русија и колку се очекува тие да и наштетат на земјата, Лин повторува дека сепак сумата што Европа и ја плаќа на Русија за енергенси годинава е зголемена за два пати и изнесува 800 милиони евра на ден.
„Ние можеме колку сакаме да запленуваме јахти и да им гасиме Нетфликс, а сепак вистината е дека режимот во Кремљ едноставно нема да биде допрен од тоа,“ смета Лин.
Според него единствена вистинска разлика во моментов ќе направи итно гасење на дотокот на руски гас, а најголем проблем за тоа е што Германија одлучила дека тоа ќе предизвика преголема економска болка, и ќе доведе до „социјални немири“ како што проценува германскиот министер за економија.
Ваквите стравови на Германија за Лин се „спорни“ бидејќи „голем број независни проценки заклучиле дека дури и целосното гасење на рускиот гас ќе предизвика само блага рецесија и губење на 2 или можеби 3 проценти од БДП-то, кои можат да бидат надоместени за една година.“
Тој исто така смета дека Германија како една од најбогатите држави на светот и најмалку задолжените ќе може да се задолжи барем малку за да ја покрие евентуалната штета од гасењето на рускиот гас и на крај никој да не го забележи тоа.
Процената на Лин е дека откажувањето од руските енергенси за Германија ќе биде поевтино од справувањето со ковид-19.
„Но едноставно германската влада и индустриските лидери имаат решено дека тоа не е цената која вреди да се плати“, пишува Лин.
Кога се веќе такви работите, Лин дава лепеза од мерки што би можеле да се преземат против Германија:
- Дополнителни тарифи на производи од Германија, а собраните пари да се праќаат во Украина.
- Целосна забрана на извоз на сите производи од Германија на шест месеци, и продолжување на забраната се додека не заврши војната или гасоводот не се затвори.
- Организирање на бојкоти од потрошувачи, затоа што секој што купува БМВ или Фолксваген индиректно ја плаќа руската армија.
„Не постои ништо што го произведува Германија што нема да може да се набави од друго место. Од друга страна, влијанието врз Германија ќе биде драматично. Гасењето на рускиот гас ќе и наштети на индустријата. Но исто и не гасењето на рускиот гас,“ порачува Лин.