Хаг ослободувал по наредба?

Претседателот на Хашкиот трибунал вршел притисок врз судиите за ослободување на обвинетите, тврди во своето писмо данскиот судија во Труибуналот, Фредерик Хархоф. (+ писмото во пдф)

Данецот во тајно писмо на 5 страни испратено до 56 луѓе, го критизира својот шеф тврдејќи дека не само што дозволил високите воени функционери да бидат ослободени, туку и на судиите е вршен притисок да донесат ослободителни пресуди.

Писмото го објавува данскиот весник БТ, а во него Хархоф директно го обвинува сегашниот претседател Теодор Мерон дека вршел "константен и силен" притисок на колегите судии:

"Последната од овие пресуди создадоа длабока професионална и морална дилема во мене, која никогаш претходно не сум ја искусил. Најлошото од тоа е сомнежот дека некои од моите колеги биле изложени на краткорочен политички притисок, а ова комплетно ја менува основата на мојата работа да им служам на принципите на правда и разум."

Данецот се сомнева дека во "големата слика" зад овие судски одлуки стојат САД и Израел, бидејќи Хаг почнува да создава алармирачка пракса која ќе значи дека врвните воени чиновници или светски лидери, можат да бидат изнесени пред суд доколку нивните потчинети извршат воени злосторства, дури и ако нивната улога во ова била минимална.

"Изгледа дека воениот естаблишмент, почувствува дека Трибуналот премногу се приближува до врховните воени команданти. Дали израелски или американски функционер влијаел на американскиот претседател на судот да влијае на промената на овој курс?" пишува данскиот судија.

Тој истакнува дека Трибуналот имало воспоставено "прилично тврда правна пракса." Ова дозволувало осуда на воени и политички лидери за дела како геноцид, воени злосторства или криминал против човештвото, доколку тие биле поврзани или ги поддржувале лицата кои ги извршиле овие дела и со тоа ги овозможиле.

Како конкретен доказ дека ова веќе се менува, тој го наведува ослободувањето на хрватските генерали Готовина и Маркач, на кои второстепениот суд им ја укина казната со 3 гласа "За" и 2 "Против".

Тој исто така го спомнува помилувањето на српскиот генерал Перишиќ кој во 2011-та беше осуден на 27 години затвор. Во февруари 2012-та, Перишиќ беше помилуван, исто така со 3-2 во гласови.

Хархоф е експерт по меѓународно право кој беше назначен за судија од Генералното собрание на О.Н. во 2007-ма.

Само пред 10-на дена магазинот Економист напиша дека кредибилитетот на трибуналот "е распартален" откако неколку луѓе обвинети за воени злосторства ги избегнаа казните.

Писмото на Хархоф

13 јуни 2013 - 19:59