
Апликацијата за итна тревога во случај на земјотрес Android Earthquake Alerts (AEA) била активна кај уреди со Андроид на десетици милиони луѓе во радиус од 150 километри околу епицентарот на двата катастрофални потреси во февруари 2023 година. Загинаа 55.000 луѓе, а двојно повеќе останаа без домови. Повеќето од жртвите загинале на спиење.
Тревогата „Преземи акција“ им била испратена на само 469 смартфони и други уреди со Андроид. Оваа тревога од највисоко ниво се активира автоматски кога ќе бидат регистрирани првичните потреси. Вклучува аудио аларм на најсилно, кој не може да биде стивнат и блеска на целиот екран. На оние што ќе ја слушнат им дава малку време, само 35 секунди, но доволно за да се засолнат на безбедно.
До околу половина милион корисници било испратено предупредување од пониско ниво „Биди свесен“, прилагодено за послаб потрес, кое активира тревога слична на онаа за будење.
Земјотресите ја погодија централна Турција на 6 февруари 2023 година. Гугл дури сега ја објави анализата на системот, во научниот журнал Science. Објаснува дека системот не откажал сосема, но ја потценил разорната моќ на земјотресите. Првиот удар, кој бил со 7,8 степени на скалата на моментална магнитуда (ММС), бил детектиран како слаб потрес со 4,5 до 4,9 степени. Била испратена највисока тревога до само 469 уреди, а поблага до 10 милиони корисници. Потценет бил и вториот удар, при што системот испратил максимална тревога до 8.158 уреди и послаба за околу 4 милиони.
По земјотресот, истражувачите на Гугл го преработиле алгоритмот. При симулација на земјотреси со идентичен интензитет, системот генерирал 10 милиони предупредувања „Преземи акција“ и 67 милиони „Биди свесен“ до оние кои живеат подалеку од епицентарот. Да било така и на 6 февруари 2023 година, можно е да биле спасени многу човечки животи.
Елизабет Реди од Рударскиот факултет во Колорадо, вели дека е загрижувачки што биле потребни повеќе од две години за да се добијат овие информации.
Не зборуваме за мал настан. Загинаа луѓе, а не видовме објаснување зошто потфрлил системот за предупредување, изјави Реди за ББЦ.
Гугл објаснува дека системот е креиран како помош, а не како замена за националните системи. Сепак, експерти се загрижени дека земјите премногу веруваат во технологија која не е целосно тестирана.
ББЦ сè уште чека одговор од Гугл каква била ефикасноста на АЕА при земјотресот во Мјанмар во 2025 година.
******
Види и: Лет над турски Караманмараш