Гуаидо не смее во странство, Мадуро не може со нафта

Врховниот суд на Венецуела му забрани на про-американскиот Гуаидо да ја напушта земјата. САД ѝ забранија на нафтата на Мадуро да пристигнува во САД. 

Венецеулскиот Врховен суд му изрече забрана да излегува од земјата на Хуан Гуаидо, човекот кој САД и неколку десетици земји го признаваат за легален претседател на земјата. Судот му го замрзна и имотот и финансиските трансакции а јавниот обвинител покрена истрага против него иако не откри за кои кривични дела се гони човекот кој ја има западната поддршка. 

Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон (тоа е оној кој кога му ја спомнаа демократијата во Саудиска Арабија, рекол, „Добро, ама ова е во наш двор“, чисто за да долови како САД гледаат на своите соседи), повторил дека воена интервенција не е исклучена и дека сите опции се на маса. За таа цел служат нивните дипломати во Каракас на кои им наредија да не ја послушаат наредбата на Маудро да ја напуштат земјата и сега САД нагласува дека се подготвени со сите средства да ги бранат своите луѓе.

Засега Американците играат на картата на дипломатско и особено економско стегање на каишот околу Мадуро. За второво се наменети последните санкции за државната нафтена компанија ПДВСА. Идејата е да се прекине кешот за Мадуро па луѓето, особено војската, да му го свртат грбот.

Санкциите се сериозни бидејќи со нив се блокирани 7 милијарди долари а САД очекуваат Венецуела во следната година да претрпи дополнителна штета од 11 милијарди, поради рестрикциите на извозот. 

„Ќе му биде тешко на Мадуро да најде други рафинерии доволно брзо за во меѓувреме да има доволно кеш за да опстане,“ рекол извор во Белата куќа.

41% од нафтениот извоз на Венецуела завршува во САД. Башка, Американците се ретки кои тоа го плаќаат во пари бидејќи нафтата за Русија и за Кина главно оди за отпишување на долговите на Венецуела.

Што се однесува до европската политика и фасцинантната брзина со која некои европски земји (не и ЕУ како целина) го прогласија Гуаидо за легитимен, германскиот неделник Зидојче Цајтунг опоменува дека рушењето на диктатори би требало да е внатрешна работа на една земја.

 

30 јануари 2019 - 17:14