Иако беше очигледно за секој што ги гледаше бројките дека од тоа нема ништо, рециклирањето пластика сепак остана фетиш за цели генерации еко-активисти и политичари. Ги образуваа децата, ги замајуваа младите, и им наметнуваа обврски на старите за после неколку децении, самата ударна еко-тупаница Гринпис да признае дека - рециклирањето не функционира.
Сега Гринпис отвори чакра и си дозволи да ја види реалноста. Во нивниот последен извештај се наведува дека: „механичкото и хемиско рециклирање на пластичен отпад е неуспешно затоа што е: (1) екстремно тешко за собирање, (2) речиси невозможно за сортирање, (3) штетно за околината кога се преработува, (4) често носи отровни материјали, и (5) не е економично“.
Можеле да додадат и шеста точка - принудување на луѓето да плакнат и сортираат пластика, но тие се познати по тоа што обожаваат да им го прават животот на луѓето офтика.
Американците си ја олеснуваа совеста извезувајќи го своето ѓубре во азиски земји со евтина работна сила и никакви еко-стандарди. Најголем дел од тој нивен извоз завршуваше во земја, дел биваше спален во отровен чад, а дел се преработуваше во примитивни погони кои често испуштаат отрови во реките.
Голем дел од сето глобално загадување од пластика се должи на погрешното управување со отпадот во неразвиенитие земји. По морињата и океаните ќе пливаше многу помалку пластика, ако Американците најнормално фрлаа шишиња во контејнер кои потоа ќе завршеа во нивната локална депонија, наместо да ги извезуваа џенем, само да не им се пред очи.
Додуша кај нив, рециклирањето е и скап спорт: Њујорк плаќа 6 пати повеќе за рециклирање отколку за депонирање.
Главниот ќар за планетата доаѓа од рециклирањето метал и хартија, но не и од пластика. Потребно е да се рециклираат 40.000 шишиња, за да се анулира штетата од само еден трансатлантски лет. Ако притоа се троши топла вода за нивно плакнење, фамозниот „карбон футпринт“ изгледа уште полошо.
Според извештајот на Гринпис, во 2021-ва американските домаќинства произвеле 51 милиони тони пластичен отпад, од што биле рециклирани само 2,4 милиони тони. Притоа, нивото на рециклирање веќе неколку години опаѓа: во 2014 се рециклирале 9,5% пластика а лани меѓу 5 и 6 проценти.
Се наведува и дека двата најчесто користени типови на пластика за амбалажа (PET и HDPE) не се погодни за рециклирање. Според стандардите, погодна е онаа пластика која може да се рециклира барем 30%. Овие имаат 20%, односно 10%. Другите типови под 5%.
„Зошто се демонизираше и зошто се забрануваше производ кој е поевтин, полесен, почист, поздрав, и подобар за околината? Постои само една причина: сеењето страв од пластика им носеше пари на Гринпис,“ вели Џон Тирни, долгогодишен колумнист на Њујорк тајмс, кој со децении пишува против фантазмагоријата на рециклирањето пластика.
Гринпис сега има нова стратегија, која Тирни ја оценува за уште полоша. Тие сега заговараат напуштање на пластиката за една употреба преку „Глобален пластичен договор“ по кој би се произведувала само пластика за повеќе употреби и надополнување.
Медицинските шприцеви, како?