Госпожа Америка, глеј си тоа маските

Професор од Харвард: Држава која не може да ги убеди сопствените граѓани да носат маски, нема што да се занимава со рушење странски влади и убедување странски граѓани како да ги сменат своите погледи и како поинаку да си го организираат општеството и живеачката.

Искуството од последните 25 години зборува дека наметнување режими од странство ретко кога успева и ретко кога води кон демократија. За почеток, рушењето на странска влада неизбежно ги оштетува или сосема ги уништува политичките институции во земјата во која се интервенира и таму не останува здраво системско ткиво кое ефикасно ќе го преземе функционирањето на државата.

По дефиниција, промената на режимот создава победници и губитници а вториве не остануваат рамнодушни на губењето на статусот и привилегиите кои гои имале и честопати имаат доволно локална логистика да организираат отпор и враќање на старите позиции.

Земјата која интервенира (читај: САД) некогаш решава да ја окупира земјата за да ја осигура посакуваната трансформација во таргетираната земја. Тоа најчесто повлекува гнев кај добар дел од локалното население и го охрабрува вооружениот отпор што го принудува дојденецот да довлечка уште повеќе војска и оружје. Сето тоа е и комплицирано и скапо. 

Поради недостаток од познавање на локалните навики и вредности (некогаш се немаат ни доволно луѓе кои го зборуваат јазикот на окупираната земја), оние кои интервенираат со идеја „ќе ви направиме држава“ имаат мали шанси да ги одберат вистинските лидери на клучните позиции или да дизајнираат институции кои ќе бидат легитимни во очите на локалното население. И обично на сите напори за „јакнење на капацитетите“ и „развој на економијата“ им терцира тешка корупција.

Сé на сé, дури и во најдобри услови, промени на режимот и „изградба на нации“ е екстра комплициран обид за социјален инженеринг, дури и за една супер-сила. Во суштина, оној што интервенира треба да убеди милиони луѓе со поинаков бекраунд да ги променат своите суштински верувања и норми за евентуално тие промени да доведат и до суштински промени во однесувањето. Тоа се масивни потези кои истовремено треба да бидат суптилни, згора на тоа, бараат време и упорна политичка поддршка.

„А сега погледнете ги предизвиците на ковид-19 кризата, првенствено она што се чини како перолесна задача: да се убедат луѓето да носат маски. Притоа, не заборавајте дека маските не тежат 10 кила, не боли кога се носат, не ја емитираат вашата локација или приватните податоци до владата, Џорџ Сорос или Гугл и не чинат еден тон пари“, пишува Стефан М. Волт, професор за меѓународни односи на Харвард.

Во овој случај, американската влада не пробува да го промени однесувањето на странци туку оперира на своја територија, со луѓе кои најдобро ги познава. Иако некои елементи од пандемијата се загадочни, основните цели се прилично јасни: зада се контролира емпидемијата, треба да се забави стапката на пренесување на вирусот а за тоа е потребно асоцијално дистанцирање, носење маски и миење раце.

Ништо од овие процедури не бара промени на уставот, менување илјадници државни службеници на сите нивоа, редефинирање на улогата на религијата во општеството или статусот на жените....

Па сепак, јасно е колку САД успеаја во овие базични задачи околу пандемијата. Како што не сакаат да слушаат научници за промените во климата, така не сакаат да научат ништо за Авганистан, Ирак, Либија и други земји, пред да почнат да ги преобликуваат по свое видување.

„Ако американската влада не успева да спроведе релативно лесни мерки од јавната политика на домашен терен, блесаво е да се верува дека ќе успева во своите амбициозни планови со општества кои се многу различни од нашето,“ пишува професор Волт.

9 јули 2020 - 19:31