Додека точниот мотив на Путин во Сирија се уште е нејаснотија за Западот, тие можат со сигурност да зборуваат за неговите намери во Украина, кои во основа се сведуваат на "замрзнат конфликт," едно од омилените решенија на Путин.
Ова до сега тој го искористи во случајот со Молдавија и конфликтот во Транснистрија, со кој на повеќе години ја одложи интеграцијата на земјата во ЕУ. Слично решение имаше и за Грузија кога на власт дојде Саакашвили. Нагорно-Карабах конфликтот служи за контролирање на лојалноста на Ерменија, и дебаланс на Азербејџан.
Во Украина, оваа состојба ќе послужи ослабување на суверенитетот на земјата, и политичката и економска стабилност на 45-те милиони луѓе.
"По сите основи, Русија, навистина, победи. Истиот ден кога руските авиони ги започнаа првите бомбардирања во Сирија, се појавија и вестите дека про-руските сили се повлекуваат од фронтот во Донбас, и дека залихите и снабдувањето на фронтот ќе бидат заменети со хуманитарни конвои. Про-руските сепаратистички лидери започнаа да објавуваат дека војната е готова. Бидејќи е малку веројатно дека украинската армија ќе пука освен ако не пукаат на нејзе, територијата која моментално не е под украинска контрола ќе остане таква се до постигнување на политички договор. Со ова Русија е во согласност со договорот за прекин на огнот од Минск и има основа да поднесе барање за крај на меѓународните санкции против земјата, бидејќи тоа и беше цел на спогодбата од Минск: да се стави крај на борбите, а не да го реши конфликтот," пишува Самуел Грин во Атлантик.
Неговата проценка е дека сега Западот не треба да гледа која е целта на Путин, туку да одреди која е целта на Западот. Дали целта на санкциите против Русија беше прекин на огнот во Украина, или враќање на суверенитетот на Украина, "ако второто е целта, тогаш не може да се прифати замрзнат конфликт."
"Деескалирањето на борбите во источна Украина - промената од вжештена воена зона во замрзнат конфликт - требаше да го направи тоа (да им покаже на руските гласачи дека работите ќе станат подобри) со присилување на западните лидери да ги кренат санкциите. Како резултат, одолговлекувањето и укинувањето на санкциите ќе има вистински последици на тоа како се владее во Русија, и како не се владее во Украина. Ама, кој има време за ова кога Русија бомбардира во Сирија?" пишува Грин.