
Новиот нацрт-закон за јавни набавки, усвоен денеска од кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц има цел да овозможи авансно плаќање на стартапите со ограничени средства за да може да учествуваат на владини тендери.
Откако владата тројно ги зголеми трошоците за одбрана на 162 милијарди евра до 2029 година, голем дел од тие пари планира да ги намени за мали стартапи што развиваат најсовремена технологија, од автономни тенкови, дронови и подморници, па сè до бубашваби – извидници, управувани со вештачка интелигенција.
Во првата половина на 20 век, германските научници беа пионери во многу воени технологии кои денес се глобални стандарди. Но, по поразот во Втората светска војна, Германија беше демилитаризирана, а нејзините иноватори беа грабнати од победничките земји. Вернер фон Браун, кој ја конструираше првата балистичка ракета за Рајхот, беше ангажиран во НАСА и им помогна на САД да го испратат првиот човек на Месечината.
САД уште во 2015 година решија да ги привлечат стартапите кон воената индустрија. Сега, покрај гигантите како Локид и Боинг, проекти од Пентагон добиваат и производителите на дронови и на софтвер, како Shield AI, Anduril и Palantir. Европските земји немаат единствени стандарди, а системот за воени набавки е насочен кон етаблираните производители.
Беспилотните летала и ВИ се нови области што Германија треба да ги развие. Промените што тие ги носат на бојното поле се револуционерни како што своевремено беа митралезот, тенкот или авионот, изјави Анет Ленигк-Емден, раководителка на моќната Агенција за набавки на вооружените сили на Германија.
Во потрагата по иновации не се отфрлаат ни откачени проекти како „шпионските бубашваби“ на Swarm Biotactics. На инсектите им се вградени електронски ранци со минијатурни камери, комуникациски антени и електроди кои со невронска стимулација ги насочуваат кон одредена цел до која човек не може да се пробие. Наменети се за извидување и собирање витални информации во реално време за непријателски позиции на фронт, но може да пребаруваат и урнатини при природни катастрофи.
Целта е вложувањата во воена технологија да ја кренат економијата и со тек на време да најдат свое место во цивилниот живот, како што беше со GPS, полупроводниците и млазните мотори.
Треба да го прифатиме овој начин на размислување: силната индустриска база во одбраната значи силна економија и иновации на стероиди, вели Маркус Федерле од фирмата за инвестиции во одбраната „Толус капитал“.