Гаучоси покосени од пестициди

Американската биотехнологија ја има претворено Аргентина во трет најголем производител на зрна од соја во светот, но прекумерното користење на хемикалиите наголемо го зема својот данок во здравјeто на луѓето.

Асошијетед прес документира десетици случаи низ целата земја во кои отровите се применуваат на начини кои не се предвидени од производителите, а истовремено се забранети од постоечките закони. Земјоделците ги мешаат хемикалиите без заштитна опрема, селаните чуваат вода во контејнери за пестициди кои треба да бидат уништени, а кога се прска, спрејот влегува во училиштата и во домовите. Сега докторите предупредуваат дека неконтролираните пестициди се веројатно причината за зголемувањето на здравствените проблеми помеѓу 12 милиони луѓе кои живеат во огромниот фармерски појас на јужна Америка.

Во Санта Фе, на пример, стапката на заболувања од рак е два до четири пати повисока од националниот просек. Во градот Чако дефектите при раѓање во деценијата која следеше по воведувањето на биотехнологијата имаат пораснато за четири пати.

Д-р Медардо Авила Васкез, педијатар и неонатолог, еден од основачите на организацијата "Доктори во прсканите градови", вели дека промената на тоа како се работи земјоделието довело до промена во профилот на заболувањата. „Од прилично здрава популација дојдовме до таква која има висока стапка на рак, фетусни пореметувања и болести кои претходно не беа познати."

Проблемот, меѓу другото, е и што штетниците развиваат имунитет на пестицидите. Па и ако некој хербицид е во принцип безбеден, земјоделците се приморани да ја зголемуваат неговата концентрација и да додаваат многу потоксични отрови, како 24D, кој војската на САД го користела во операцијата на обесшумување на џунглите во текот на војната во Виетнам.

И покрај тоа што властите се обидуваат да наметнат контроли и да укажуваат на опасностите од користењето на токсичната хемија вон земјоделските области, ваквите предупредувања главно се игнорираат. Фабијан Томаси, на пример, никогаш не добил обука како да работи со пестициди, а неговата задача во текот на три години се состоела во тоа да ги полни прскалките со течност колку што е можно побргу, иако тоа често значело дека бил целиот потопен во хемикалијата. Сега на 47 години тој е подвижен скелет, болен од полиневропатија, тешко невролошко пореметување. Не помагаат ни протестите на активистите - во јануари оваа година Оскар Ди Винченси застана во поле близу куќата на негов пријател мафтајќи со судска одлука која забранува прскање во радиус од 1 километар близу градот Алберти. Но, возачот на тракторот едноставно го игнорирал и го испопрскал со пестицид.

Застапниците на биотехнологијата велат дека директната поврзаност помеѓу намаленото здравје и пестицидите не може да се докаже. За нив очигледно е поважно тоа што за тон соја можат да добијат 500 долари - заради тоа земјоделците садат каде и да е, игнорирајќи ги законите и препораките на производителите, а прскаат и без предупредување и на ветровито време. Се прска и блиску до училишта, а во еден регион дури 18 училишта биле во ваква ситуација, при што од прскањето моментално во несвест паднале 11 ученици. Луѓето дури чуваат умрени зајаци и птици, надевајќи се дека некој ќе ги тестира, и ќе види дека пцовисале како директен резултат на прскањето. До тогаш, бројот на случаите како овој на Томаси само ќе се зголемуваат.

 

23 октомври 2013 - 20:33