Изминативе неколку години Франција некако успеа да ја избегне несреќата што ги зафати земјите од Медитеранот, но и покрај тоа, сосема неволно, земјата годинава мораше да и го предаде управувањето со европската криза на Германија.
"Иако се уште има многу силни страни, Франција сепак со години ја губи својата компетитивност во однос на Германија, а овој тренд се засили откако Германците успеаа да ги намалат трошоците и да ги истуркаат големите реформи. Французите се свртеа кон јавното трошење. Неуспехот да балансираат ниту еден буџет од 1981-ва до денес, го зголеми јавниот долг на Франција од 22 на 90% од БДП," пишува Економист.
На страна ова, проблемот на стопанството во Франција се невидено широките социјални и работнички права, дополнети со вонредно високи даноци. Во земјата има сосема малку нови компании, а има и помалку мали и средни претпријатија од Германија, Италија или Британија.
Иако Оланд најави дека ќе прави промени (намалување на администрацијата / олеснување на социјалниот товар на компаниите) малкумина веруваат во нивниот успех, посебно затоа што за време на изборите тој речиси и да не спомна ништо за потребата од реформа на бизнис околината.
"Европските влади кои презедоа големи реформи, го направија тоа бидејќи имаа длабоко чувство на криза, бидејќи гласачите веруваа дека нема алтернатива, бидејќи политичките лидери беа уверени дека промената е неизбежна. Ништо од ова не го опишува г-динот Оланд или Франција," забележува магазинот.
Од почетокот тој спроведе серија левичарски мерки, заради кои компаниите почнаа да ја губат довербата во него, меѓу нив: 75% данок на најбогатите, зголемени даноци на приходите на компаниите, богатството, добивки и дивиденди, повисока минимална плата и намалување на старосната граница за пензионирање, која неодамна беше зголемена.
"Доколку г-дин Оланд искрено не реши да го промени патот по кој неговата земја оди во изминатите 30 години, Франција ќе ја изгуби довербата на инвеститорите и на Германија. Како што неколку држави од евро-зоната открија, чувствата на пазарот многу брзо се менуваат. Кризата може да нè снајде уште на почетокот на следната година. Франција, а не Италија или Шпанија, може да биде местото каде што ќе се решава судбината на еврото. Г-дин Оланд нема уште многу време за да ја демонтира темпираната бомба во срцето на Европа," завршува Економист.