Форин полиси уплашен за здравјето на Ердоган

Американскиот политички магазин фокусиран на меѓународна политика и глобални теми, проценува дека 67-годишниот Ердоган е некако болежлив па се загрижени дали тој ќе може да продолжи да ја води Турција.

Како што партијата на Ердоган ги губи градоначалничките места во поголемите урбани центри во Турција (вклучително Истанбул) на локалните избори 2019, така се повеќе новинари и експерти на тема Турција ги чекаат општите избори закажани за 2023.

Процената на Форин полиси е дека Ердоган има многу поголем проблем од ова, тоа што периодов се појавуваат се повеќе знаци дека е можно тој да е премногу болен за воопшто да се кандидира за ре-избор.

Тие наведуваат дека има неколку видеа од изминативе месеци во кои турскиот претседател не изгледа добро, иако на некои од видеата симптомите се помалку очигледни од другите „земени заедно тие покреваат прашања околу здравјето на Ердоган“.

Во едно од видеата на Ердоган му е потребна помош од сопругата и од еден советник за да ги симне скалите.


Во друг клип тој изгледа како да му е мачно пешачењето до гробот на Ататурк.


Во видео од јули Ердоган тешко изговора зборови и се меша за време на говор пред својата партија.

Како што се редат видеата за Ердоган така се редат и шпекулациите за неговото здравје, од тоа дека се почесто заборава и има проблеми со дишењето, до тоа дека повраќа и е конфузен. Ова е надополнето со информации дека претседателот го зголемил бројот на доктори околу себе, ги намалил средбите со печатот и постојано е на лекови против болка за време на јавните настапи.

„Секако овие гласини најчесто се повторувани од луѓе надвор од Турција или што се неколку скалила оддалечени од внатрешниот круг на Ердоган,“ пишува Стивен Кук во текстот за Форин полиси.

Признавајќи дека никогаш не е паметно од далеку да се носат медицински процени, посебно од човек што не е доктор, Кик прашува, што се случува ако Ердоган навистина е тешко болен?

Според Уставот на Турција, власта ја презема потпретседателот Фуат Октај, кој останува на власт до изборите, кои треба да се одржат најдоцна во рок од 45 денови, и додека новиот претседател не даде заклетва.

Аналитичарските процени, со години, се дека по Ердоган може да се очекува распаѓање на Партијата за правда и развој (АКП) со што ќе се отвори пат за рамноправни избори во кои не би имало еден фиксен фаворит како што е се случајот со АКП. Како потенцијални кандидати за претседател во ова сценарио се градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу; неговиот колега од Анкара, Мансур Јаваш; и лидерот на добрата партија, Мерал Аксенер.

Друго сценарио е дека АКП и без Ердоган, а благодарејќи на моќта агрегирана во 20-те години владеење, ќе успее да се задржи на власт, и следниот лидер на Турција повторно ќе биде од нејзините редови, конкретно од безбедносните структури. Тука во игра според Кук се министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу; министерот за одбрана, Хулус Акар, и првиот човек на разузнавањето, Хакан Фидан.

Меѓу нив најдобро позициониран за преземање на водечката позиција е Акар, затоа што Фидан главно „оперира зад затворени врати“, а Сојлу изгуби на кредибилитет откако мафијашкиот бос Седат Пекер го обвини министерот дека е корумпиран и дека работи со криминалните структури. Акар има и силна поддршка во вооружените сили на Турција откако во изминативе 5 години по пучот, тој назначи околу 65% од офицерите во турската војска, вклучително и стотици генерали.

Додека американски медиуми прават вакви пресметки, турските медиуми објавија неколку смирувачки видеа за душебрижниците од Ердоган како вежба баскет:

4 октомври 2021 - 13:12