Европа полека бега од климатската агенда

Откако САД дефинитивно се повлекоа од Парискиот климатски договор, Европската Унија гордо се претставуваше како глобален лидер во зелената кауза. Не за долго. Комисијата на Урсула фон дер Лајен сега испраќа јасни сигнали дека се откажува од таа улога. Брисел прво ја разлабави границата за емисии на стакленички гасови, а сега крати зелени проекти за да издвои повеќе пари за одбрана.

Иако Европската комисија пред три недели ја потврди целта за намалување на стакленичките гасови за 90% до 2040 година, тивко ја разводни иницијативата уфрлајќи флексибилности, особено на дозволата за членките на ЕУ да ги користат меѓународните кредити за емисии на ЦО2.

Пред само неколку дена значително беа скастрени средствата за климатските амбиции од предлог-буџетот за периодот од 2028-2034 година, кој Фон дер Лејен го протурка низ комисијата, наспроти отвореното негодување на еврокомесарите за низа прашања.

Вкупната цел за трошење за климата и животната средина е најмалку 35% (или 650 милијарди евра) од буџетот, наведува Комисијата. Што ќе се крати?

Реално намалување на буџетот

Белгискиот министер за животна средина Жан-Лик Крук објаснува дека вкупната сума за климатски програми во реални услови се намалува за повеќе од 50 милијарди. Тој истакнува дека намалувањето на финансирањето е спротивно на заклучоците од последниот преглед на ЕУ од 7 јули, кој покажа дека парите што ги вложиле 27-те земји-членки се недоволни за исполнување на преземените еколошки обврски.

Елиминирање на програмата за мочуришта

Исфрлена е програмата Life, единствениот инструмент за финансирање на ЕУ специјално посветен на зачувување на биолошката разновидност и климатските активности. Иако во претходниот буџет беше воведена со траење од 30 години, по само седум ќе биде апсорбирана во поширок Европски фонд за конкурентност. Организацијата Wetlands international се жали дека кратењето ќе ги загрози мерките против губењето на мочуриштата.

Помалку зелена земјоделска политика

Во Заедничката земјоделска политика се укинува финансиската помош за примена на методи кои се „пријателски настроени кон природата“. На националните влади им е оставено самите да решаваат за инвестиции за поодржливо земјоделство.

******
Види и: Новиот климатски план на ЕУ е општо лудило

Нема ни математика ни демократија во буџетот на Урсула за ЕУ

19 јули 2025 - 11:41