
Подготвуван со месеци и во голема мера чуван во тајност од комесарите на Фон дер Лајен, нацрт-буџетот за ЕУ во периодот од 2028 до 2034 година предизвика внатрешен отпор и во Брисел и низ Европа.
Екстремно централизираниот стил на претседателката веќе го компромитира нејзиниот план за собирање 2.000 милијарди евра. Еврокомесарите со години се жалат дека донесувањето одлуки зад затворени врати ја водат ЕУ кон погрешни чекори.
Завршните преговори за предлогот почнале во понеделникот, завршиле во средата вечер. Комесарите приговарале за сè, од обемот на новите даноци до нивоата на трошење за посиромашните региони. Пјотр Серафин, комесарот за буџет на Фон дер Лајен, немал поим за сложената формула што ќе одреди колку ќе добие секоја земја. На комесарите им биле предадени конечните бројки непосредно пред состанокот, спремни за потпишување.
Никогаш не сум видел нешто толку лошо. Никој не знаеше што добива или што плаќа до последен момент, коментира висок дипломат од членка на ЕУ што работел на последните три преговори за буџетот.
За предлогот ќе се расправа две години. Потребна е поддршка од сите 27 членки. Најмоќната – Германија, го одби уште во старт.
Зголемување на буџетот на ЕУ е неприфатливо во време кога земјите-членки вложуваат значителни напори за стабилизирање на своите буџети. Затоа нема да го прифатиме предлогот на Комисијата, изјави портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус.
Буџетот на ЕУ до 2028 година е 1.200 милијарди евра. Идниот е за 800 милијарди потежок. Комисијата најави дека придонесите на членките нема да се зголемат и дефицитот ќе го надомести со „сопствени ресурси“ – нови давачки на ниво ЕУ. Тука спаѓаат даноци за големите компании, за тутун и за електронски отпад, такси за пакети од трети земји и зголемување на царините и на ДДВ.
Експерти забележуваат дека математиката не е на страната на буџетот. Новите приходи од околу 58 милијарди евра годишно ќе соберат приближно 400 милијарди евра. Тоа е теоретски максимум. Придонесите од членките во 2027 година ќе бидат 186,2 милијарди евра, односно 1.300 милијарди во рок од седум години. Дури и при идеални услови, ќе остане дупка од некои 300 милијарди.
Тие живеат во свој свет. Би имало некоја смисла ако верувате дека пари ќе паднат од небото. Но, директното собирање пари нема да се случи, изјави функционер од Министерството за финансии од членка на ЕУ.