Европа мижи на опасноста од Либија

Италија и Грција попусто ги предупредуваат партнерите од ЕУ и од НАТО дека претерано се фокусирани на војната во Украина и забораваат на сериозните закани за европската безбедност од Либија. Не само што од таму во изминатите недели се засили бранот мигранти, туку и се зголемува интересот на Москва да ја пополни безбедносната празнина за да отвори нов хибриден, па и воен фронт.

Германија и Франција, како двигатели на Европската Унија, заедно со Британија упорно предупредуваат дека најголемата закана за Европа е воена интервенција од Русија. Таа закана е основата за досега најголемото зголемување на воени трошоци, обнова на одбранбената индустрија и купување оружје од Америка.

Во исто време, протокот на мигранти од Либија кон европските земји повторно се зголемува. Околу 9.000 луѓе пристигнале на Крит од Либија од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе отколку во целата 2024 година. Повеќето пристигнале во последните недели. Како мерка за одвраќање, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави дека три месеци нема да се обработуваат барања за азил.

Нелегалните преминувања на мигранти од Либија севкупно се зголемени за 7%, во споредба со вкупниот пад од 20% на сите други главни рути.

Властите во Рим изразија загриженост дека Москва го користи своето влијание во нестабилната африканска земја со две влади за да формира свои воени бази и да има потенцијал да отвори нов фронт против Европа. Москва ги снабдува Либијците со оружје и го мерка Тобрук за свое ново пристаниште во Средоземно Море. Новинската агенција „Нова“ објави дека Москва сака да инсталира ракетни системи во воената база Себха во јужна Либија, која е под контрола на генералот Калифа Хафтар, и да ги насочи ракетите кон Европа.

Рим и Атина стравуваат дека Русија би можела да ја користи и миграцијата од Либија за да ја прошири хибридната војна што ја почна кога насочи бегалци од Блискиот Исток кон белоруската граница со Полска.

Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани изјави дека Либија е „вонредна состојба што Европа мора да ја реши заедно“. Но дипломатскиот обид на Брисел пред една недела заврши со понижување. Генералот Хафтар, чии сили контролираат половина од Либија, одби во Бенгази да ја прими делегацијата во која беа еврокомесарот за миграција Магнус Брунер и министри од Италија, Грција и Малта.

Рим имаше одредено влијание врз Либија во времето на Силвио Берлускони и Моамер Гадафи. За новата ситуација, потребна е поддршка од големи сојузници како Франција и САД.

Политички, француската влада има мал интерес да се бори против Русија бидејќи тоа ги истакнува неуспесите на Елисејската палата, оцени Виржин Коломбие, професорка на Универзитетот Луис во Рим.

Вашингтон, пак, сè повеќе гледа кон Пацификот, се повлекува од Европа и малку е веројатно дека би инвестирал политички капитал заради стаблизирање на Либија.

14 јули 2025 - 16:13