Минатата недела ЕУ под притисок од Малта и Грција се откажа од блокадата на бродскиот превоз на руска нафта. На овие две држави отпаѓа половина од тонажата со која располага Унијата.
Забраната за бродски превоз требаше да го оневозможи Путин да испорачува нафта во други држави низ светот и со тоа да го олеснува притисокот од санкциите на ЕУ.
На ова се надоврза и Унгарија, која и по средбата меѓу Орбан и Фон дер Лејен одбива да ја поддржи целосната забрана на увоз на руска нафта.
Унгарија е една од членките која се надеваше на подолг рок за откажување од руските енергенси, и побара дополнителна финансиска помош за да може да се изведе транзицијата од руски фосилни горива во инвестиции во инфраструктура за алтернативни извори на енергија.
Во слична ситуација се и Чешка и Словачка, кои очекуваат да добијат посебни услови во енергетските санкции за надминување на нивата зависност од руската сирова нафта.
Намерата на 6-от пакет санкции беше целосно прекинување на дотокот на гориво од Русија за да се зададе сериозен удар на тамошната економија што би го притиснало Путин да ја прекине војната во Украина. Откако ова не успеа, Брисел ќе треба да изработи „лајт“ верзија на првичниот план со која ќе треба да ја добие поддршката од сите 27 држави.