Механизмите на ЕУ имаат вградено заштитни мерки кои предвидуваат дека летовите меѓу Британија и ЕУ ќе продолжат да се одвиваат по старо во период од 9 месеци дури и во случај да нема договор. Е сега, целата таа предострожност и механизми не го земаат предвид аеродромот на Гибралтар.
Територијата на Гибралтар вклучува и теснец од 800 метри кој ја поврзува со Шпанија. На оваа територија се изградени два станбени објекти и аеродром, меѓутоа Мадрид не го признава британскиот суверенитет врз авионската писта.
Договорот од Утрехт, со кој Шпанија и го отстапи Гибралтар на Британија се однесува само на британската сувереност врз градот каков што тој бил во 1713. Британците тврдат дека преку континуирано користење на земјиштето тие стекнуваат право и на останата територија.
Од друга страна од ЕУ објаснуваат дека тоа ќе треба да се преговара, а во случај на разидување без договор ЕУ законите се на шпанската страна во случајот.
Реагирајќи на британските пискотници околу целиот случај, извори на Гардијан од ЕУ порачуваат дека „Британија требало да сфати дека одлуката да ја напушти Унијата ќе има реперкусии“.
Тие нагласуваат дека Британија ја присилила Шпанија „да ја проголта“ британската позиција околу Гибралтар кога Шпанците барале да влезат во Европската економска заедница во 1984. Тогаш Британците се закануваат дека ќе стават вето на приклучувањето доколку Мадрид не ја отвори копнената граница.