Надуените трошоци за бродски превоз им дозволиле на руските компании да заработат далеку повеќе од продажба на нафта на Индија отколку што претходно се веруваше, открива анализата на Фајненшл тајмс.
Само во мај, јуни и јули руските превозници заработиле дополнителни 1,2 милијарди долари од зголемени трошоци за превоз и дополнителни давачки.
„Зголемените трошоци за превоз се голем проблем бидејќи тие создаваат дупка во режимот за контрола на цената преку која некој може да извади милијарди долари,“ објаснува академикот од Киевската школа за економија, Бенџамин Хилгенсток.
Целта на ограничувањето на цената беше Западот и понатаму да може да ја користи руската нафта, а притоа премногу да не се наполнат руските сметки. Но тоа не предвидува никакви ограничувања на цената на бродскиот превоз.
Анализата се прави на испораката на руска нафта на Индија, и таа покажува дека руската сирова нафта била 14,9 долари по барел поскапа во Индија отколку на балтичкото пристаниште од каде што поаѓа. Во исто време глобалната просечна цена на превозот била 9 долари по барел.
Се проценува дека Русија од мај до јули испорачала 108 милиони барели нафта од Балтикот до Индија.
Моментално на Индија отпаѓа околу една четвртина од рускиот извоз на сирова и преработена нафта. За тримесечјето мај-јули, рускиот глобален извоз на нафта изнесува 39 милијарди долари.
Русија делумно го почитува ограничувањето на цената за да може да користи танкери со западно осигурување, главно грчки.