Според Блумберг индексот на милијардери 19-те најбогати Руси заради санкциите до сега имаат изгубено 14,5 милијарди долари.
Стравотната загуба за сега нема големо влијание на рејтингот на Путин, кој според сегашните истражувања на јавното мислење има 86-процентна поддршка за своите постапки. И овие резултати тешко би се промениле дури и ако ЕУ ги воведе најавените санкции за трговија со оружје, и ограничување на рускиот пристап до пазарите со капитал и технологии поврзани со производство на гас и нафта.
Цената која Путин ја плаќа за ова е се поголемото влијание на радикалните националисти во и вон границата на Русија. Токму овие сили го притискаат Путин да испрати уште војска во границите на Украина за да им помогне на тамошните сепаратисти.
Од друга страна Путин продолжува да го подгрева трендот, со медиумските извештаи за потврдени ама и добар дел непотврдени жртви од анти-терористичката кампања на Украина. Освен вести од војната, медиумите во Русија трошат добар дел од времето и за потсетување на сите претходни неостварени ветувања од европските политичари.
Процената на аналитичарите е дека од почетокот на 3-от мандат Путин се има опкружено со луѓе кои само ги потврдуваат неговите одлуки без воопшто да ги преиспитуваат.
"Или ќе се сложиш или оди си. Да, има одредено несогласување во општеството и во Кремљ, ама има и моменти кога луѓето сфаќаат дека во прашање се повисоки цели - воскреснувањето на една голема светска сила," изјавил социологот специјализиран на тема руска елита, Олга Криштановскаја.
Таа објаснува и дека грешката на Западот сите овие години е што многу повеќе внимание посветува на про-западно ориентираната опозиција, притоа игнорирајќи го растот на радикалната и националистичка десничарска опозиција.