До задолжените нации на Европа

На Кина не и е спорно дека треба да и помогне на ЕУ, исто како што не е спорно и дека ќе и помогне, дилемата е зошто богатите пуштија рака  да бараат пари од сиромашните?

Иако Кина ја има најголемата резерва на странска валута во светот, не треба да се заборави дека тие пари не се собрани ниту лесно, ниту брзо.

"Оваа резерва е собрана во текот на 3 децении и тоа од најминимални профити. Кина е на дното на глобалниот вредносен синџир и ние мора да се потиме за секое париче што ќе го заработиме. Кина треба да извезе повеќе од 800 милиони маички за да купи еден Ербас А380," пишува во своето писмо до европејците, новинарот на Чајна Дејли, Хуанг Ксиангјанг.

Сепак најголемата нејаснотија во Кина е зошто богатите бараат помош во пари од сиромашните, кога за просечниот Кинез богатството на европските земји и незамисливо.

"Просечните месечни примања на вашите граѓани - од околу 4.000 евра во земји како Германија и Белгија - се 12 пати поголеми од просекот на кинеските граѓани. Кинеските работници во фабриките во крајбрежните градови треба да работат по 12 часови дневно, без практично ниту еден слободен ден, додека Французите секоја година уживаат во 2 месеца платен одмор, национални празници и регионални фестивали. Ако ние можеме да штедиме 50% од нашите примања, сигурно е можно и вие истото да го направите со 1% вашите," порачува Ксиангјанг.

Новинарот на Чајна Дејли објаснува дека европејците не треба да се чудат за причината за кризата и дека таа е прилично јасна.

"Трошевте повеќе отколку што заработувавте. Ако ние ги истураме нашите тешко заработени пари во грчки, ирски, португалски или италијански владини обврзници, вие треба да покажете политичка решителност и да го исчистите вашиот двор. Треба да престанете да се влечете околу итно потребните мерки за штедење. Време е да ги засукате ракавите и да ја завршите работата," објаснува Ксиангјанг во својата колумна.

Тој во својот текст потсетува дека Кина по слична основа се изгоре со купување на американскиот долг и дека на крај ќе заврши со загуба од 20-30% во инвестицијата во американски обврзници.

"Се надевам дека се ќе се заврши добро за вас," го завршува Ксијанг своето писмо.
 

5 март 2012 - 12:09