Мершајмер разликува меѓу сериозен мировен договор кој ќе доведе до мир и прекин на огнот по што следува замрзнат конфликт. Негова процена е дека првото нема да се случи.
„За Трамп е невозможно да ги прифати двата основни услови на кои Путин инсистира. Првиот е дека Западот и Украина мора да го признаат анектирањето на четирите источни области кои Русија ги анектираше. И тоа да биде признаено како трајно решение во меѓународната политика.
Второ, да се согласиме дека Украина никогаш нема да биде во НАТО туку да биде вистински неутрална држава, што значи дека не може да биде ни де-факто членка на НАТО како што беше во изминатите години,“ објаснува Мершајмер.
За професорот погрешно е и гледиштето кое доминира на Западот и според кое војната е почната затоа што Путин е империјалист со намера да ја создаде Голема Русија и да освојува територии во источна, па дури можеби и западна Европа.
Како што објаснува Мершајмер, да беше така Западот до сега ќе можеше да се договори со Путин отстапувајќи му дел од територијата што тој ја бара, а дел да и врати на Украина.
Од друга страна, аргументот на Мершајмер е дека војната е почната заради проширувањето на НАТО и приклучувањето на Украина во Алијансата, што Русија го смета за егзистенцијална закана со која мора да се справат.
„Е во тој случај, единствен начин за завршување на војната е согласување дека Украина никогаш нема да стане дел од НАТО, а ние во овој момент немаме капацитет за да го согледаме овој аргумент.
Ние повторуваме дека Украина ќе биде дел од НАТО, и се додека зборуваме дека ќе биде дел од НАТО Русите ќе продолжат да војуваат. Тие немаат друг избор, затоа што тие веруваат дека НАТО и Украина претставуваат егзистенцијална закана.
Проблемот со кој ние се соочуваме на Западот е што малку кој верува дека Украина во НАТО е она што ја предизвика оваа војна. Затоа тие мислат дека ние не треба да прифатиме дека за решавање на судирот треба јавно прогласиме дека Украина ќе биде неутрална држава. А се додека не ја прифатиме украинската неутралност, нема како да завршиме со ова, а тоа да не биде со замрзнат конфликт,“ смета Мершајмер.