Новата ИТ престолнина ќе биде Хангжу а не Пало Алто?

Западните технолошки могули беа убедени дека со ОпенАИ и другите напредни алатки на вештачката интелигенција, на подолг рок им е осигурена доминацијата и глобалната пол позиција во ова поле. И одеднаш, Кинезиве вадат новитет што ги вади од гаќи. Моќен и ефикасен исто или повеќе, евтин за тренирање, транспарентен и достапен за сечија локација и приход. Фрка.

За само неколку дена, веста за кинеската сензација со вештачка интелигенција, DeepSeek R1, од благ повардарец премина во ураган од петти степен. Никој во Силициумската долина или Вашингтон немаше ни блага идеја дека еден нов иновативен производ ќе го преврти нивниот свет наопаку и новото тежиште на светот ќе го префрли на исток.

Не само затоа што најновата верзија на ДипСик e или рамноправен или ги надминува перформансите на најдобриот американски модел, ОпенАИ, туку и затоа што е поевтин, попристапен и потранспарентен. Ова е вештачка интелигенција за секого, без оглед на нивното место или приход.

Тоа што се појави „од ведро небо“ дополнително ја откри слабоста на западните технолошки гиганти да ги предвидат способностите на нивните конкуренти.

Новиот робусен јазичен модел не само што врши „резонирање“ слично на тековниот најдобро достапен модел на ОпенАИ туку има висок или повисок резултат на различни репери а и се вели дека бил обучен за многу помала цена (90% поевтино). А за разлика од моделот o1 на ОпенАИ кој е достапен само за претплатници кои плаќаат за ChatGPT 20 долари месечно и поскапите нивоа (како Pro со 200 долари месечно), DeepSeek R1 беше објавен како модел со целосно отворен код, пишува Venture Beat во „Зошто сите паничат за ДипСик“.

Паничат е благ збор, пишуваат други. Силициумската долина е во целосен емотивен колапс и западните мандарини стравуваат дека ќе мора да се вратат на почетна позиција, како во „Не лути се човече.“ Новата агенда ја одредуваат луѓе со различни приоритети, вредности и верувања од нивните кои живеат 15.000 километри од нив.

Најимпресивно од сè е што не треба да сте софтверски инженер за да го користите: DeepSeek има бесплатна веб-страница и мобилна апликација дури и за американските корисници со интерфејс за R1 чет-бот, многу сличен на ChatGPT на OpenAI. DeepSeek дополнително го поткрши OpenAI со поврзување на моќен модел на расудување со веб-пребарувањата - нешто што OpenAI сè уште не го направил,“ објаснуваат во Venture Beat.

Кинескиот блицкриг многумина го доживуваат атомска бомба детонирана во срцето на Силициумската долина и директна провокација за американската технолошка аристократија која мислеше дека нивното владеење ќе трае вечно.

27 јануари 2025 - 15:17