Фатих Бирол изјави дека се плаши од „див Запад“ сценарио ако членките на ЕУ одлучат да ја ограничат трговијата со енергија меѓу себе или да престанат да соработуваат со соседите.
„Импликациите ќе бидат многу лоши за енергетиката, многу лоши за економијата, но екстремно лоши за политиката.
Ако Европа го падне овој тест за енергетиката, тоа ќе има последици вон енергетиката,“ порачал Бирол.
Бирол предвидува две сценарија, во едното сите членки на ЕУ работат заедно, солидарно еден кон друг, а во второто секој работи за себе.
По основа на второто сценарио главен негативец е Норвешка, која иако не е членка на Унијата се води како еден од нејзините најблиски соработници. Соседите на Норвешка го критикуваат Осло дека е „себичен“ со одлуката да го запре извозот на струја додека не ги наполни акумулациите за хидроелектраните.
Норвежаните пак тврдат дека никако нема да запрат извоз, меѓутоа приоритет во моментот им е полнење на резервоарите „од исти причини заради кои Европа ги полни своите залихи со гас.“
Друго предупредување на Бирол е членките на ЕУ да не се опуштаат откако успеале за сезонава да ги наполнат резервите со гас, бидејќи ништо не им е гарантирано до крајот на сезоната, како и тоа дека кризата ќе потрае само една сезона.
Тој е на став дека Русија ја изгубила енергетската битка со ЕУ, бидејќи континентот веќе активно бара алтернативи.
„Русија изгуби добар клиент, и го изгуби засекогаш. Овој клиент плаќаше пари на време и не правеше никакви политички проблеми,“ порачува Бирол.
Според неговите пресметки, руското префрлање од ЕУ на азиски пазари за сега е неизводливо, бидејќи „не продаваш кромид на пазар, ти требаат гасоводи, инфраструктура, логистика, ова ќе бара најмалку 10 години.“